Русија планира атентати врз директори на европски одбранбени компании што ја снабдуваат Украина, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ), повикувајќи се на извори од пет европски разузнавачки служби. Според извештајот, Москва ги засилува тајните операции со цел да ја ослаби поддршката за Киев, а компаниите ја зголемуваат личната заштита на своите раководители.
Предупредувањата не се ограничени на најголемите производители на оружје. Меѓу потенцијалните цели, според наводите на ФТ што ги пренесува Индекс, се и директори на помали компании за дронови и компоненти. Германските служби ги засилиле контактите со одбранбената индустрија, а на одделни раководители им препорачале дополнителна лична заштита, вклучувајќи приватно обезбедување.
Разузнавачките извори ја нагласуваат и психолошката цел на заканите. Самото чувство дека некој може да стане мета треба да ги одврати компаниите од работа со Украина.
„Сакаат луѓето двапати да размислат пред да прават бизнис со Украина“, изјавил еден разузнавачки функционер за ФТ, пренесува Агенција Нова. Дел од директорите му кажале на весникот дека во последните шест месеци ја засилиле заштитата по препорака на службите.
На опасноста од насилство врз поединци јавно предупреди и претседателот на германската Сојузна служба за заштита на уставот, Синан Селен. На сослушувањето во Бундестагот на 5 октомври тој изјави дека Русија прифаќа ризик од цивилни жртви и планира насилни дејства преку државни актери или лица под државна контрола, објави германската ЗДФ.
Заканите кон раководителите на одбранбени компании имаат и претходен, јавно објавен случај. Во јули 2024 година Ројтерс пренесе извештаи на Си-ен-ен и „Њујорк тајмс“ за откриен руски план за убиство на Армин Папергер, директорот на германскиот „Рајнметал“. Според тие извештаи, американските служби ја предупредиле Германија, што овозможило преземање мерки за негова заштита.
Москва редовно ги отфрла западните обвинувања за вмешаност во саботажи, планови за атентати и други тајни операции во Европа, наведува Индекс.

