Албанија воведува фиксни, намалени цени за 212 производи до 12 јануари 2027 година, како дел од мерките за намалување на трошоците на домаќинствата. Иницијативата се спроведува во соработка со големите трговски синџири и добавувачите, а за одделни производи намалувањата достигнуваат до 40 проценти.
Паралелно, албанската влада ја претстави дигиталната платформа „Pasqyra e Çmimeve“ („Огледало на цените“), преку која граѓаните можат да ги споредуваат цените на основните производи во различни супермаркети.
Во иницијативата учествуваат пет трговски синџири и 22 добавувачи, а платформата опфаќа 238 производи во 13 категории, достапни на 155 продажни места. До крајот на годината се планира проширување на опфатот на 1.000 производи.
Премиерот Еди Рама нагласи дека не станува збор за општо административно ограничување на цените, туку за договор со трговците и поголема транспарентност на пазарот.
Мерките треба да им овозможат на потрошувачите полесно да ги пронајдат најповолните понуди, додека нивниот вистински ефект врз семејните буџети ќе може да се оцени во наредните месеци.

