Студентскиот протест во Тирана, на кој учесниците побараа заминување на премиерот Еди Рама и неговата влада, вчеравечер, 13 октомври, прерасна во повеќечасовни судири со полицијата. Собирот почна пред Министерството за образование, а вечерта немирите се проширија кон општинската зграда и други делови на албанската престолнина, со повредени, приведени и запалени предмети на улиците.
На протестот, покрај студентите, се приклучија и други граѓани. Собирот беше најавен на претходните вечерни демонстрации пред седиштето на владата. Незадоволството од состојбите во образованието се поврза со пошироките барања за политичка промена. Арлинд Ќори, лидерот на движењето „Башке“, во гостување на „Реполитикс“ изјави дека оставката на премиерот останува главно барање. „Барањето за оставка на Рама не е предмет на преговори“, рече тој.
Тензиите пред Министерството за образование ескалираа кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат камења и плочки извадени од тротоарите. Беа оштетени прозорци и метални огради, а полицијата употреби солзавец и водени топови. Демонстрантите повеќепати се повлекуваа и повторно се приближуваа кон полицискиот кордон.
Во попладневните часови, улицата „Драч“ стана едно од главните жаришта. „Балканвеб“ објави снимки и фотографии од запалени картони и рекламни паноа, додека полицијата се обидуваше да ги потисне насобраните со водени топови.
Вечерта следуваше упад во зградата на Општина Тирана. Според „Шќиптарја“, дел од демонстрантите влегле во објектот, кршеле прозорци и предмети во ходникот, а полицијата интервенирала и за гаснење пожар. Подоцна, групи се префрлија кон Новиот пазар, каде што беа запалени контејнери и просторот покрај дрвените пазарни конструкции.
Во доцното вечерно известување, пренесено од „Си-ен-еј“, министерката за здравство Клодијана Спахиу соопшти дека во Универзитетската болница за трауматологија останале на лекување една полицајка, четворица демонстранти и двајца минувачи, сите надвор од животна опасност. Други повредени полицајци, претставници на медиумите, демонстранти и минувачи биле пуштени по укажаната помош. Медицински третман добил и странски дипломат.
Полицијата во претходното соопштение наведе дека привела 23 лица и почнала истражни постапки во соработка со обвинителството. Министерот за внатрешни работи Ервин Демо ги осуди нападите врз полицајците и оштетувањето на имотот, но најави и непристрасно разгледување на секое тврдење за незаконска или непропорционална употреба на сила. Тој нагласи дека одговорноста мора да се утврдува индивидуално, врз основа на докази.
Тим на Народниот правобранител пристигна во болницата за трауматологија за да разговара со повредените и медицинскиот персонал и да ги документира околностите на настаните.
🇦🇱 Student protests in Tirana escalated into violence.
— kos_data (@kos_data) October 13, 2026
Police arrested several protesters and used tear gas and water cannons to disperse the crowds.
Students and opposition leaders accused police of using excessive force. pic.twitter.com/wt3qqXcG5O

