Скијачката жичарница во австриското село Пустервалд, на која генерации жители ги правеле првите спуштања, нема повторно да проработи. Пред зимската сезона 2026/2027, општинскиот совет едногласно одлучил да ја затвори по повеќе од четири децении, поради недостиг од снег, растечки трошоци и сè поголеми барања за нејзиното одржување.
За градоначалникот Фриц Штралхофер, одлуката има и лична тежина. Израснал на околу 200 метри од жичарницата и токму таму научил да скија. Имал десет години кога постројката почнала да работи во 1985 година. Четириесет и една година подоцна, мора да го прифати нејзиното затворање. „Ова беше мојата најтешка одлука откако сум градоначалник“, изјавил за „Кронен цајтунг“.
Последните две зими жичарницата немала ниту еден работен ден. Снегот не бил доволен за отворање на патеките, а истовремено се зголемувале техничките и организациските обврски што општината морала да ги исполнува. Чекањето подобра сезона веќе не нудело финансиски одржливо решение.
Вештачкото оснежување било разгледувано како можност, но и тоа отворило нови проблеми. Штралхофер за регионалниот медиум „Мајнбецирк“ објаснил дека системот би чинел многу, а општината се соочува и со недостиг од вода. За негово функционирање би бил потребен и дополнителен резервоар, што дополнително би ја поскапело инвестицијата.
Општината барала здружение или приватни лица што би го презеле управувањето, но не нашла долгорочно решение. Сега се подготвува демонтирање на постројката. Според градоначалникот, се проверува дали други скијачки центри можат да искористат дел од опремата пред да се отстрани остатокот.
Пустервалд ќе ги задржи патеките за скијачко трчање, а меѓу најавените зимски активности се и лизгањето и традиционалната игра со лизгање тешки плочи по мраз. За алпско скијање, жителите ќе мора да користат други блиски скијалишта.
Децата веќе ја продолжуваат традицијата во соседното место Оберцајринг. Во објава од 26 февруари годинава, општината известила за три организирани скијачки дена на тамошниот детски ски-лифт, на кои учествувале деца од градинката и основното училиште во Пустервалд.

