Осум морнари се водат како исчезнати, а четворица се спасени по пожар на танкер во Црното Море, во близина на романскиот брег. Романските власти започнаа спасувачка операција и проверуваат дали бродот бил погоден од дрон.
Станува збор за танкерот „Wine Trader“, кој плови под знамето на Сан Марино. На бродот имало 12 членови на екипажот кога избувнал пожар во надградбата. Според првичните информации, четворица морнари биле спасени, додека потрагата по останатите осум продолжува. Во операцијата се вклучени спасувачки екипи и хеликоптери.
Инцидентот се случил во близина на романското пристаниште Сулина, на делтата на Дунав. Засега нема официјална потврда дека пожарот бил предизвикан од напад со беспилотно летало.
Ова е втор сериозен инцидент во истиот дел од Црното Море за помалку од 24 часа. Претходно, пожар избувна и на танкерот „Yara J“, кој плови под знамето на Коморските Острови. Сите членови на неговиот екипаж се безбедни, а романските власти истражуваат дали бродот бил цел на напад со дрон.
Романскиот министер за одбрана Раду Мируца изјави дека околностите се испитуваат, нагласувајќи ја сериозноста на инцидентите во романските територијални води.
Новите случаи доаѓаат по серијата напади врз трговски бродови во близина на бугарското крајбрежје. Во вторникот два брода потонаа по напади со дронови, а бугарските власти соопштија дека трагаат по исчезнати членови на екипажите.
Бугарија побара меѓународна помош во истрагата и поддршка од НАТО за зајакнување на надзорот и безбедноста на пловидбата во Црното Море.
Последните инциденти повторно го отвораат прашањето за безбедноста на трговските маршрути во регионот, особено во близина на територијалните води на земјите членки на НАТО.

