Две скопјанки на возраст од 38 и 39 години завршиле на службен разговор во Полициската станица Карпош по меѓусебна физичка пресметка на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Скопје. Инцидентот бил снимен, а видеото се проширило на социјалните мрежи.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полициските службеници ги идентификувале Е.Н. (38) и Ј.Л. (39), двете од Скопје, по што со нив бил извршен службен разговор поради нарушување на јавниот ред и мир.
На видеоснимката се гледа физичка пресметка меѓу двете жени на улицата „Теодосиј Гологанов“, при што една од нив ѝ пристапува на другата, која се наоѓа во автомобил.
Засега не се познати причините за конфликтот, ниту дали на инцидентот му претходела вербална расправија.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
