Скопје е домаќин на Еуродрам: 60 гости од 28 земји за 25-годишниот јубилеј

Скопје ќе биде домаќин на Генералната асемблеја на Еуродрам – Европската мрежа за драма и превод, со седиште во Париз, која годинава се одржува во знакот на 25-годишнината од основањето на мрежата. На настаните од 27 октомври до 1 ноември 2026 година ќе присуствуваат 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци.

Програмата ја организира Еуродрам во партнерство со Театар Комедија – Скопје, кој е главен домаќин на манифестацијата. Покрај работните состаноци на мрежата, предвидена е јавна програма посветена на современото драмско творештво, книжевниот и театарскиот превод, издавањето драми и нивното претставување пред нови публики. Настани ќе се одржуваат и во Театар Комедија, Европска куќа – Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Еуродрам: четврт век посветен на драмата во превод

Основана во Париз во 2001 година, Еуродрам денес обединува повеќе од 300 театарски професионалци во 33 јазични комитети, поврзувајќи драмски и театарски култури од Европа, Централна Азија и Медитеранот. Целта на мрежата е да ја промовира современата драма во превод и да ја направи достапна за театарските професионалци и публиката, во духот на независност, рамноправност и јазична разновидност.

Работата на мрежата се одвива во наизменичен двегодишен циклус. Во парните години, комитетите избираат оригинални драмски текстови на своите јазици и ги препорачуваат за превод на други јазици. Во непарните години избираат преведени драми, со цел да го поттикнат нивното објавување и поставување во сопствените јазични средини.

Овој пристап создава заемна размена: секој комитет истовремено го застапува драмското творештво на својот јазик и отвора простор за дела од други култури. Изборите на Еуродрам се повод за нови преводи, публикации, сценски читања, професионални соработки и театарски продукции.

Свечено отворање и јубилејно признание за основачот Доминик Долмие

Свеченото отворање на Генералната асемблеја ќе се одржи во среда, 28 октомври, во 20:00 часот, во Театар Комедија, пред изведбата на претставата „Ивона, принцезата од Бургунд“.

Присутните ќе ги поздрави Едмонд Сотир, директор на Театар Комедија, во име на институцијата домаќин и партнер на Еуродрам. Драматургот Дарко Јан Спасов ќе го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ од Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Изданието на англиски јазик вклучува содржини и информации за премиери, преводи и авторски права, каде што се достапни. Наменето е за преведувачи, режисери, издавачи, истражувачи и сите заинтересирани за македонското драмско творештво и неговото меѓународно претставување.

На отворањето ќе биде претставено и изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак. За преземање на каталогот, библиографијата и програмата на Генералната асемблеја достапни се посебни QR-кодови преку вебстраницата на Еуродрам и на Театар Комедија.

По претставувањето на публикациите ќе се обрати Иван Додовски, претседател на Еуродрам, кој ќе зборува за јубилејот и за Генералната асемблеја во Скопје. Во име на мрежата, тој ќе му врачи плакета на основачот Доминик Долмие, во знак на благодарност за неговата визија и за 25 години посветена работа. Обраќањата на свеченото отворање ќе бидат на англиски јазик.

Преведувачка работилница и разговор за драмата во услови на криза

Во среда, 28 октомври, од 10:00 до 13:00 и од 14:00 до 15:30 часот, во Европска куќа – Скопје ќе се одржи работилницата „Занаетот на драмскиот превод“, наменета за избрани учесници. Ментори се преведувачите Александер Зицман од Виена, Катерина Шекутковска од Скопје и Фроса Пејоска-Бушро од Париз, а модератори Дарко Јан Спасов и Иван Додовски од Македонскиот комитет на Еуродрам.

Во четврток, 29 октомври, од 13:00 до 14:30 часот, во Европска куќа – Скопје е предвидена панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“, организирана во партнерство со Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје.

Панелот ќе го модерира Елизабет Шустер, театарска кураторка и координаторка на Германскиот комитет на Еуродрам. Ќе учествуваат Јулија Скибицка, театарска истражувачка и координаторка на Украинскиот комитет; Татија Мтварелидзе, театарска истражувачка, преведувачка и координаторка на Грузискиот комитет; Анамарија Бјанко, истражувачка и координаторка на Арапскиот комитет на Еуродрам; Владимир Јанковски, писател и издавач; и Билјана Прентоска, раководителка на Канцеларијата на „Креативна Европа“.

Сценски читања и признанија за македонските автори

Во четврток, 29 октомври, со почеток во 15:00 часот, во Театар Комедија ќе се одржи првото сценско читање на текстови од изборите на Еуродрам, со модераторката Катерина Коцевска.

На почетокот ќе им бидат врачени сертификати на тројцата македонски автори чии драми беа избрани во 2026 година: Владимир Јанковски за „Џинови и џуџиња“, Митко Чешларов за „Кој сум јас?“ и Драгана Лукан Николоски за „104“. Сертификатите ќе ги врачи Гергана Димитрова, потпретседателка на Еуродрам.

Ќе бидат прочитани извадоци од „Џинови и џуџиња“ од Владимир Јанковски, со англиски натписи во превод на Иван Додовски, и од „Anorexia Feelgood-Songs“ од Фајер Кох, во македонски превод на Ана Ристоска Трпеноска, со англиски натписи во превод на Катја Андруш. Текстовите ќе ги интерпретираат актерите Тони Денковски, Елена Кузманов, Јаков Спасов и Кристина Христова Николова.

Читањето ќе биде на македонски јазик, а потоа ќе следува разговор на англиски јазик со Владимир Јанковски, Ана Ристоска Трпеноска и Катја Андруш и прашања од публиката.

Второто сценско читање, посветено на современата романска драма, ќе се одржи во петок, 30 октомври, од 15:00 до 16:30 часот, во Театар Комедија. Актерките Ева Косак и Кабирија Моргенштерн ќе читаат извадоци од:

• „Кога бев мала, сакав да бидам светица“ од Анка Мунтеану, во англиски превод на Кики Симион;

• „LIRDA“ од Лета Попеску, во англиски превод на Кики Симион;

• „Ова проклето место“ од Симион Руксандра и Анамарија Ферару, во англиски превод на Јозефина Компорали.

Читањето ќе биде на англиски јазик, по што ќе следува разговор со преведувачката Кики Симион, модериран од Александру Ивеноју. Настанот се организира во партнерство со IOTA, со кофинансирање од Националната администрација на културниот фонд на Романија.

Книги, издавачи и нови драмски избори

Програмата започнува во вторник, 27 октомври, од 18:30 до 19:30 часот, во барот „Бистро“ на Театар Комедија, со промоција на книгата „Зад мене белина“ од Мартин Кушеј, еден од најзначајните современи австриски театарски и оперски режисери во германското јазично подрачје и претходен директор на „Бургтеатарот“ од Виена. Книгата е преведена на македонски од Дарко Јан Спасов и Горан Додевски. Ќе говорат Тина Махкота, Ѓорѓи Јолевски и Мартин Кушеј.

Во петок, 30 октомври, од 12:30 до 13:30 часот, во „Лабораториум“ ќе биде претставено француското издание на драмата „Јас, на некое друго место“ од Ана Ристоска Трпеноска, со разговор во кој ќе учествуваат Доминик Долмие, Фроса Пејоска-Бушро и авторката. Настанот ќе биде придружен со изложба на македонски драми објавени на француски јазик.

Истиот ден, од 19:30 до 20:00 часот, во Театар Комедија ќе има дигитално претставување на драмските избори на Еуродрам за 2026 година, со можност за прашања до членовите на јазичните комитети.

Во сабота, 31 октомври, од 11:00 до 12:00 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во„Дајмонд мол“, ќе се одржи панелот „Зошто да се објавуваат драми?“, модериран од Бисера Бендевска. Ќе учествуваат Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина, Златко Видачковиќ од „Казалиште“/„Културни клуб“ – Загреб, Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ – Скопје и Доминик Долмие од „L’Espace d’un instant“ – Париз.

Панелот се организира во партнерство со Европската федерација на театарски издавачи. Истовремено ќе се одржува и дигитален саем на драмски наслови објавени на различни јазици.

Од 13:30 до 14:30 часот, во Театар Комедија, настанот „One on One Box“ ќе понуди можност да се слушнат извадоци од драми на различни јазици, прочитани од членови на Еуродрам. Свеченото затворање е предвидено од 14:30 до 15:00 часот.

Шест претстави од скопските театри

Меѓународните гости ќе имаат можност да проследат шест претстави, преку кои ќе се запознаат со различни авторски и изведувачки пристапи на скопската театарска сцена:

• 27 октомври, 20:00 часот: „Парови“ од Ана Ристоска Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје;

• 28 октомври, 20:30 часот: „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, продукција на Театар Комедија;

• 29 октомври, 17:00 часот: „Слепци“ од Морис Метерлинк, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар – Скопје;

• 29 октомври, 20:00 часот: „Ало, ало!“ од Дејвид Крофт и Џереми Лојд, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија;

• 30 октомври, 20:00 часот: „Избраниот“ од Ева Камчевска, во режија на Јане Спасиќ, продукција на Театар Комедија;

• 31 октомври, 20:00 часот: „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија.

Сите претстави од оваа програма ќе бидат изведени во Театар Комедија, со обезбедени англиски натписи.

Поддршка

Седмицата на Еуродрам и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите.

Јавната програма е можност за средба на македонската публика и театарската заедница со автори, преведувачи и издавачи од различни земји, како и за нови соработки што ќе го продолжат животот на драмските текстови на други јазици и сцени.

Повеќе информации за Еуродрам: www.eurodram.org

Целосна програма: https://eurodram.org/2026-skopje-ga-programme/

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?