Хасановиќ: Не беше поразен Вучиќ, туку еден застарен партиски систем, Србија отвора врата, Македонија ја чека својата генерација за промени

Хасановиќ

Рацин.мк разговараше со Емир Хасанович, експерт по безбедносни прашања и стратегиски комуникации, за исходот од вонредните избори во Србија. На почетокот го прашавме што ќе следува после големата и историска победа на Студентската листа – Студентите победуваат?

Хасановиќ вели „следно е канализирање на еуфоријата во конкретни промени. Студентската листа имаше една клучна порака за време на кампањата – важно е тој да падне, нема простор за идеолошки поделби“.

„Тоа е ефективна алатка за мобилизација, но истовремено голем терет за владеење. Сега ќе биде клучно да се профилираат професионални кадри, листа на програмски приоритети и да се ослободат институциите и општествениот простор. Во условите во кои се наоѓа Србија тоа е ѓаволски тешка работа. Тоа веројатно ќе значи некаква влада која ќе биде стожер на процесот на ослободување на заробената држава и растеретување на финансискиот капитал и текови се до едни нови, веројатно предвремени избори кога впрочем ќе мора да се соочат програмски концепти кои ќе се изродат од природните идеолошки разлики во студентската листа и ослабнатиот СНС на Вучиќ“, укажува Хасановиќ во разговорот за Рацин.мк.

Доколку тоа биде изведено умно, предупредува нашиот соговорник, Србија може да влезе во една мултипартиска, вистински плуралистичка епоха во која ќе може за сѐ да се разговара.

„Под услов Србија да не падне во нова замка на култови на личности или ниски страсти кои ќе доведат до брза рехабилитација на Српската народна странка (СНС)“, вели Емир Хасановиќ.

Го прашавме што ќе се случи со СНС и дали дали тој партиски систем ќе се срушки како кула од карти или демонтажата ќе трае со години.

„Ништо не се руши како кула од карти освен кула од карти. СНС останува силна опозициона партија иако механизмите кои долго ги имала на располагање за притисок, корумпирање и компромитирање на актери и кадри веќе не постојат. Постои и стапица тој систем во одредена мера да стане алатка на други луѓе со слични мотиви како досегашната влада. Тоа, иако не смее да се исклучи, земајќи го предвид амбиентот во државата, сметам дека е крај на една ера, но новата страница останува само надеж без нужниот напор“, оценува Хасановиќ.

Според него, сега е важно е да се менаџираат очекувањата на граѓаните како и политичките апетити на поединци кои веројатно ќе сакаат да се наметнат како наследници на граѓанската желба за промена.

„Тоа е замката на која ќе мора првенците на студентската листа да внимаваат и да одолеат на искушенијата. Кадрите се клучни бидејќи системот не е нешто неопипливо, туку го сочинуваат луѓе. Сепак, покрај оваа победа истите луѓе од понеделник се на работа во БИА, во државната радио-телвизија, во судовите, болниците, образовните установи, полицијата, финансиските институции. За Србија работата допрва почнува“, истакнува Емир Хасановиќ. 

Ако сега им претстојат следните тешки чекори на студентите, прашање за Хасановиќ е дали Србија има план за демократска рехабилитација и развој? 

„Не, тоа е повеќе од очигледно. Но има огромна општествена и политичка волја. Понекогаш тоа е доволно за здрав почеток и темел на еден процес кој е неопходно да биде бавен, коренит и целисходен. Нема простор за импровизација и тоа треба да се прави со еден широк општествен дијалог каде целокупното општество и сите чинители ќе дадат свој придонес. Академската заедница, граѓанското општество, приватниот сектор, политичките активисти, јавните службеници сите имаат поединечна одговорност да дадат свој маскимален придонес во колетивниот напор кој вие го нарекувате демократска рехабилитација и развој. Рим не бил изграден за ден, зошто тоа би бил случајот за Белград тогаш?“, нагласува Хасановиќ во разговорот за Рацин.мк

На прашањето како ќе влиаје падот на Вучиќ врз Балканот и врз Македонија, Хасановиќ вели: „
Не беше поразен Вучиќ, поразен беше традиционално-партискиот концепт“.

„Тој концепт се заснова на клиентелизам, на култ на личност, просечност, лојалност која се вреднува повеќе од способност. Излезноста во Србија беше рекордна, а пред точно една година во коментар за нашите локални избори реков за излезноста од 40% дека во услови кога во Македонија би се појавила опција на капацитетни луѓе со професионално реноме, интегритет и одважност излезноста би била речиси 100%. Србија покажа дека таа проценка држи, земајќи предвид дека избирачкиот список брои речиси онолку луѓе колку има и жители, а процентот е речиси 70%“, посочува Хасановиќ.

Тој вели „луѓето се жедни за промена особено миленијалците и ген-З кои не толерираат веќе анахронични тези, политичари без визија, стопанства кои не се во чекор со времето, култура која не припаѓа во развиениот свет, стандард кој не дозволува простор за мечта“.

„Не заборавајте дека истото и од слични мотиви се случува во Албанија. Тешко дека Тирана нема да го следи темпото на Белград. А за тоа како ќе се одрази тоа на Македонија, тоа зависи од граѓаните на Македонија, пред и над сѐ од студентите и младите. Ген-З треба да ја даде енергијата, миленијалците зрелоста, генерацијата Икс искуството и сталоженоста. Останувам на ставот дека останатите се гости на овој свет кои треба да се тргнат од патот и да учествуваат кога би биле поканети и повикани, со чест на исклучоци. Сепак, младоста на Македонија има незавршена работа од 2016 после изневерените очекувања кои се граничат со измама. Во следната рунда, далеку од алчните шепи на било која постоечка партија“, оценува Емир Хасановиќ, експерт за безбедносни прашања и стратегиски комуникации во разговорот за Рацин.мк за постизборните очекувања во Србија ирефлексиите од нив во регионот.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?