Судовите во Битола се неажурни: Предметите се трупаат, правдата оставена на чекање

Битола
Основниот и Апелациониот суд во Битола, Фотографија: Е.М.

Основниот и Апелациониот суд Битола се оценети како неажурни судови. Според Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Македонија за 2025 година, и двата суда не успеале да го совладаат новиот прилив на предмети во текот на годината.

Оваа локална состојба е идентична на општата слика во македонското судство, каде што од вкупно 34 суда во земјата, дури 18 суда се оценети како неажурни.

Апелациониот суд Битола во 2025 година влегол со 2.120 нерешени предмети, а во текот на годината примил уште 5.385 нови, со што во вкупна работа имало 7.505 предмети. Судот успеал да реши 4.820 предмети, постигнувајќи стапка на реализација од 89,51 отсто. Сепак, на крајот од годината останале дури 2.685 нерешени предмети, што претставува зголемување на заостатокот за нови 565 предмети.

Просечното време за решавање на предметите во Апелациониот суд Битола изнесува дури 203 дена. Со тоа, апелационото подрачје Битола бележи една од најниските стапки на ажурност во државата.

Во текот на годината, во Апелација Битола биле избрани четири нови судии (три за граѓанска и еден за кривична област), а судот добил и нов претседател. Во извештајот се истакнува дека работното место „судски администратор“ во овој суд останува непополнето, што дополнително го компликува и го отежнува секојдневното функционирање.

Слична е состојбата и со Основниот суд Битола, кој годината ја започнал со 6.569 нерешени предмети, примил 23.168 нови, а решил 22.499 предмети. И покрај постигнатата стапка на реализација од 97,11 отсто и просечно време на решавање од 117 дена, судот поради големиот прилив го зголемил заостатокот за 669 предмети, со што годината ја завршил со дури 7.238 нерешени предмети.

На кадровски план, во Основниот суд Битола биле избрани четири нови судии од осмата генерација на Академијата. Сепак, со оглед на огромниот обем на работа, Судскиот совет утврди дека во Основниот суд Битола итно е потребно пополнување на дури 11 нови судиски места.

На ниво на државата, судовите во 2025 година започнале со 134.729 нерешени предмети, примиле 540.122 нови предмети и имале вкупно 674.851 предмет во работа. Решиле 540.241 предмет, а на крајот на годината останале нерешени 134.610 предмети. На национално ниво, заостатокот бил намален за 119 предмети.

Проблемите со ефикасноста се директно поврзани со системскиот недостиг на кадар во целото судство. На ниво на Македонија се предвидени 639 судии, а активни се само 418, што значи дека судовите работат со само 65 отсто од капацитетот. Од предвидените 4.751 службеник во судовите низ земјата, пополнети се едвај 38 отсто од местата.

„Квалитетот, обемот, степенот на развој на човечки ресурси и нивниот потенцијал го условува функционирањето, независноста и ефикасноста на судската власт, како и степенот на доверба на општеството во судската власта“, се наведува во Годишниот извештај за работата на Судскиот совет.

Според Годишниот извештај, во текот на целата 2025 година поради негативните мислења од Министерството за финансии, не е реализирано ниедно ново вработување или унапредување на неопределено време во судската власт во целата држава.

Е. М

*Преземено од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?