Отворате Google за да прочитате што има ново, а телефонот ви нуди вести од странски портали и на други јазици. Ако сакате повеќе содржини на македонски, можете да ги приспособите препораките и да ги изберете медиумите што сакате да ги читате. Еден од чекорите е да го додадете Рацин.мк меѓу вашите претпочитани извори.
Тоа можете да го направите преку овој линк:
Изберете го Рацин.мк како претпочитан извор на Google
Отворете го линкот и најавете се со Google-сметката што ја користите на телефонот. Во понудата означете го racin.mk, а доколку се појави копче за потврда или освежување на резултатите, притиснете го. Можете да изберете и повеќе македонски портали што редовно ги читате.
Со ова му давате до знаење на Google кои извори ги претпочитате. Нивните текстови можат почесто да се појавуваат во делот со водечки вести во пребарувањето, кога објавуваат свежи содржини поврзани со темата што ја пребарувате.
За повеќе македонски содржини во Google Discover потребни се и неколку посебни чекори. Discover е листата со препорачани вести, видеа и други содржини во Google-апликацијата. На дел од Android-телефоните ја отвoрате и со повлекување надесно од почетниот екран.
Кога ќе ви се појави текст на македонски што ве интересира, отворете го, а со притискање на срцето под картичката означете дека ви се допаѓа. Така помагате препораките да се приспособат на вашите интереси. За темите што не сакате да ги следите, преку менито со трите точки можете да изберете дека не ве интересираат.
Во истото мени, кај дел од картичките, постои и можност да престанете да добивате вести на одреден јазик. Доколку претходно по грешка сте сокриле македонски портал или содржини на македонски, проверете ги поставките за интереси и скриени содржини и вратете ги во понудата.
Проверете го и претпочитаниот јазик на вашата Google-сметка. Во поставките за јазик изберете македонски, а за мобилните апликации проверете ги и јазичните поставки на телефонот. Јазикот на менијата и јазикот на препорачаните вести можат да се разликуваат, па само оваа промена нема да ја приспособи целата понуда.
Ако во менито на Discover ви се нуди можност со свои зборови да наведете што сакате да гледате, можете да напишете: „Сакам повеќе вести на македонски јазик од македонски портали, вклучително и racin.mk“. Достапноста на опциите се разликува според уредот и верзијата на апликацијата.
Читањето на македонски има вредност што оди подалеку од изборот на вести. Преку секојдневното читање го одржуваме јазикот во употреба, го збогатуваме речникот и ги среќаваме македонските зборови со кои ги објаснуваме промените во светот, од економијата и науката до културата и технологијата.
Тоа е особено значајно за луѓето што живеат во странство. Вестите на мајчиниот јазик ја одржуваат врската со земјата, а на помладите им даваат можност да го читаат јазикот што го слушаат дома и да го користат и надвор од семејните разговори.
Со читањето на оригиналните текстови им даваме публика и на редакциите што создаваат содржини на македонски, ги следат домашните проблеми и ги раскажуваат приказните од нашите градови и населби.
Македонскиот јазик треба да биде присутен и таму каде што денес поминуваме голем дел од денот, на екраните. За тоа придонесуваме и со сопствениот избор што ќе отвориме, што ќе прочитаме и што ќе споделиме.

