Едно лице е повредено, а друго приведено по напад меѓу навивачки групи вечерва кај спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Повредениот со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.
Според полициските информации, случајот бил пријавен во СВР Скопје околу 18:55 часот. Членови на навивачката група „Фемили“ се движеле од улицата „Васко Карангелески“ кон салата, пред која веќе имало околу 50 навивачи на Работнички што чекале да влезат на натпревар.
Помала група од „Фемили“ запалила пиротехнички средства, се приближила до навивачите на Работнички и физички ги нападнала, по што учесниците во нападот се оддалечиле во различни правци, наведуваат од МВР.
Навивачите на Работнички биле пред салата за да го бодрат својот клуб на натпреварот против Скопје.
