Јотова бара ЕУ да отвори дијалог со Путин

Бугарската претседателка Илијана Јотова се залага за отворање дипломатски канали меѓу Европската Унија и рускиот претседател Владимир Путин, со активна улога на Бугарија во разговорите за завршување на војната во Украина.

Нејзиниот пристап кон Москва е една од темите што „Фајненшл тајмс“ ги издвојува во анализата на претседателската трка пред утрешниот втор круг, во кој Јотова се соочува со Андреј Ѓуров.

Во интервју за бугарската телевизија Нова од 17 октомври, Јотова нагласи дека дипломатските контакти со Русија би имале поголема тежина доколку се водат во име на целата ЕУ. Во објавата на телевизијата нејзиниот став е претставен како заложба за заеднички европски настап, со почитување на сојузничките обврски на Бугарија.

„Многу посилно ќе биде ако овие дипломатски канали кон Русија се отворат во име на целата ЕУ“, рече Јотова.

Според неа, Софија треба да ги искористи меѓународните форуми во кои учествува за да придонесе кон мировни преговори. Таа предложи европска иницијатива што би вклучувала усогласување со Украина и можен ангажман на САД, а потоа и вклучување на Русија на преговарачката маса.

Прашањето за директен разговор со Путин беше отворено и во телевизискиот дуел со Ѓуров на 29 октомври. Јотова изјави дека би разговарала со рускиот претседател доколку за тоа има мандат од бугарската држава, усогласување со другите институции и широка национална поддршка.

Ѓуров, пак, во дебатата ја нагласи потребата од посилна соработка со сојузниците и конкретни мерки за безбедноста во Црното Море. Како основен принцип го наведе почитувањето на меѓународното право и неприфаќањето промена на границите со сила.

„Повикувањето на мораториум не е одбранбена стратегија, а молчењето не е одбрана“, порача тој.

Разликите меѓу кандидатите доаѓаат во услови на зголемени безбедносни тензии во Црното Море. „Фајненшл тајмс“ ја разгледува изборната трка и низ нападите врз бродови во близина на Бугарија и Романија, кои дополнително го отворија прашањето како Софија треба да одговори на ризиците од војната.

Бугарските гласачи денес, ќе избираат меѓу Јотова и Ѓуров во вториот круг од претседателските избори.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?