Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција нагласи дека Мицкоски и Славески, ја загрозија егзистенцијата на илјадници граѓани кои имаат сметки во Алта банка, ги оставија во неизвесност, без одговори и без пристап до нивните средства. Филипче го повика гувернерот Славески да одговори со кои пари граѓаните да ги враќаат кредитите кога не можат да ги повлечат сопствените средства.
„Зошто гувернерот кажува дека и покрај тоа што не може да си ги повлечат парите, имаат обврска да ги враќаат кредитите? Каков врв на безобразлук. Со кои пари луѓето да враќаат кредити? Што ако им се кредитите депозитарни, па чекаат пари од банката за да уплатат ратата за кредитот? Единаесет илјади пензионери земаат пензија преку Алта банка“, рече Филипче.
Тој посочи дека илјадници граѓани се оставени без можност да ги подигнат своите пари, бидејќи експозитурите на банката се затворени, а картичките и банкоматите не функционираат, иако претходно гувернерот најавуваше дека средствата ќе бидат достапни.
„После вчерашниот прес на гувернерот се отвораат многу прашања. Прво најави дека ќе можат граѓаните коишто таму имаат свои пари да извлекуваат околу сто педесет евра неделно. Денеска експозитурите не работат, а на граѓаните не им работат ниту картичките на банкоматите. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите?Како пензионерите ќе стигнат до пензиите? Како ќе стигнат семејствата? Како ќе стигнат работниците? Како ќе ги издржуваат сега семејствата илјадници луѓе коишто не можат ниту од експозитури коишто се затворени, ниту од картичките коишто не им работат да стигнат до своите средства. Загрозена е егзистенцијата на овие наши граѓани“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека случувањата со Алта банка се уште еден доказ за начинот на кој власта на Мицкоски управува со државата, а последиците ги плаќаат граѓаните.
„И еве проблемот се случи, се случи и кај нас. Оваа власт кај нас во Македонија, предводена од Христијан Мицкоски, е арамиска и криминална. Ова е само уште еден од доказите. За жал, сега на директна штета на граѓаните коишто тоа ќе го почувствуваат по своите џебови. Срам за земјава се и Христијан Мицкоски и Трајко Славески и цела оваа банда која што, како што многу пати досега сме кажале, ниту имаат желба, ниту капацитет, ниту визија како треба да се води земјата.Едноставно, заинтересирани се само за своите лични интереси и интересите на малата криминална група на власт околу премиерот Христијан Мицкоски“, рече Филипче.

