Реткиот скап минерал антимон за САД, прашалници за Крива Паланка

антимон

По повеќе од четири децении од затворањето на рудникот за антимон во Крстов Дол, кај Крива Паланка, повторно се отвора можност за негова експлоатација. Додека државата и инвеститорите во проектот гледаат економски потенцијал и стратегиска можност за снабдување со критични минерали, локалното население и еколошките организации стравуваат за водата, за здравјето и за животната средина. Во услови на недоволно информации и сè уште незавршени истражувања, се наметнува клучното прашање: дали новиот рудник ќе донесе развој и работни места или ќе отвори ново еколошко поглавје со долгорочни последици?

Автори: Христина Стојановска* и Никола Митовски**

Крива Паланка повторно ќе добие рудник за антимон. Претходниот таков рудник престанал со работа во 1981 година поради ниските цени на минералот. Но, сега цената е промената на светскиот пазар. 

„Низ селото до денес кружи опасната ‘легенда’ дека кој влегол млад во тој рудник, не терал долго со здравјето и животот. Јас бев таму помалку од една година, потоа се затвори рудникот, а подоцна цел работен век го минав во ‘Тораница’“, сведочи пензиониран рудар од Крива Паланка, кој во младоста работел кратко во рудникот за антимон во Крстов Дол, кај селото Луке. Тој вели дека тогаш како млади и неискусни рудари влегувале и без соодветни заштитни маски во рудникот.

Селото Луке е лоцирано на околу 17 километри од Крива Паланка, во близина на српската и бугарската граница. Според последниот попис, има околу 220 жители.  

Тоа е локацијата каде што последнава година нов концесионер има поставено машини за ископ. Во моментов се работи на геолошки истражувања, со цел утврдување на економската и техничката изводливост на проектот. Според сознанија на „Локал Актив“, во Крива Паланка, во близина на поранешната фабрика „Карпош“, функционира и лабораторија, вклучително и магацински простории, за испитувања и складирање на наодите што оттука се препраќаат во странство за испитувања. Тука се ангажирани околу 15 стручни лица.

Селото Луке / Фото: Wikipedia

Американски грант од пет милиони долари за развој на проектот

Според премиерот Христијан Мицкоски, првичните процени укажуваат дека резервите би можеле да бидат поголеми од оние со кои располагаат водечките светски производители Русија и Кина. Тој ова го истакна во интервју за Атлантскиот совет, по неодамнешната посета на САД.

Во интервју за МИА, пак, премиерот тврди дека американската страна веќе обезбедила грант од пет милиони долари за развој на проектот, но посочи дека тоа е само прв чекор од пошироката соработка во секторите на енергетиката, инфраструктурата и критичните минерали.

Плановите се експлоатираниот антимон да се извезува во САД, каде што ќе се преработува во топилница што ќе се гради во сојузната држава Оклахома.

Откако неодамна почна погласно да се зборува за оваа тема, во јавниот дискурс се присутни и стравувањата дека антимонот носи потенцијални негативни последици по здравјето на луѓето и животната средина, па така опозицијата бараше граѓаните на Крива Паланка да се изјаснат преку локален референдум дали ќе го поддржат овој проект. За овој демократски механизам ќе се залага и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

„Лично ќе се заложам за референдумско изјаснување, но претходно граѓаните треба да знаат што точно се предлага, какви придобивки може да донесе проектот и кои се можните ризици. И самото референдумско прашање мора да биде јасно и непристрасно поставено. Сметам дека е неодговорно да брзаме со изјаснување додека ги немаме резултатите од испитувањата и сите потребни информации. Прво треба да го разбереме проектот, а потоа секој граѓанин слободно и информирано да го даде својот глас“, вели Митовски.

Жителите на Крстов Дол се загрижени да не им се ‘пресече’ водата

„Локал Актив“ го посети селото Крстов Дол во чија близина се прават испитувањата за рудникот и разговараше со жителите од месноста Слатина. Тие најмногу стравуваат за водата. Велат дека немаат никакво известување за копањето руда, туку само гледаат дека работниците секој ден минуваат и одат на локациите каде што машински се буши. Официјално известување немаат од никого, ниту, пак, некој дошол да ги праша или да ги консултира.

„Тука живееме, чуваме голем број добиток и затоа стравуваме да не дојде до загадување на водата, да не се загадат изворите, да не се ‘пресече’ водата. Никој ништо ни нема кажано, затоа сега можеби треба да се собереме сите од селото и да се договориме јавно да зборуваме“, вели Сашко Митовски, млад маж што се занимава со сточарство.

За рудникот во минатото, тој не се сеќава, затоа што не ни бил роден, но вели дека од постарите слушал дека има антимон на овие локации.

Стојо Станојковски, кој пораснал во ова село, но сега живее во Крива Паланка, вели дека водата е најголем проблем.

„Сите стравуваат за изворите. Иако малку луѓе се останати во Слатина, сепак за добитокот е потребна вода. Изминатото лето имаше тензии, немаше вода луѓето да се искапат. Сега со рудникот не знам како ќе биде. И да има вода, а е загадена, не е решение. Чекаме надлежните да им појаснат на луѓето“, вели тој.

Кире, 74-годишен жител на Слатина, исто така, стравува за водата.

„Работам земјоделие за свои потреби. Имам работено во рудникот за антимон во 70-тите години и оттаму имам земено пензија. За земјоделието не стравувам, но за водата – да. Може да дојде до прекинување, да ја изгубиме водата. Никој не ни кажува ништо. Никој се нема ни најавено, гледаме дека се истражува, а што и како не знаеме. Засега немаме проблеми ни во летен период со водата“, вели Кире.

Живко Стојановски живее повеќе од една деценија во Крстов Дол.

„Се занимавам со сточарство и земјоделие. Од еколошка страна стравуваме дека водата ќе се загади, ќе има хемикалии… Никој нѐ нема информирано дека ќе се отвора рудник на ова подрачје, а се истражува на околу километар од тука. Бушотини има на километар-два од мојата куќа“, вели Живко, кого го затекнавме како пече домашна ракија од сливи додека низ околината напасуваа неговите крави.

Савко Милковски вели дека порано се занимавал со земјоделство, а сега не. Очекува дека рудникот ќе донесе нови работни места.

Испитувањата за резервите на антимон се во тек

Друштвото за енергетика „ РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“ е актуелниот концесионер што има доставено проект за детални геолошки истражувања за локалитетот Слатина – Крстов Дол – Станков Дол до ресорното Министерство за рударство, енергетика и минерални суровини. Проектот е со можност за измени. По испитувањата, ќе следува финален геолошки елаборат, а доколку се добие дозвола, концесионерот ќе има право и можност за експлоатација на рудите, вклучително и на антимонот.

Проектот опфаќа површина од 6 квадратни километри – простор што е малку помал од целокупната урбана територија на Крива Паланка.

„Ако во локалната заедница немаме доволно силни и стручни граѓански организации што ќе ја прочитаат студијата од неколку стотици страници, ќе ги анализираат хидролошките податоци, ќе ги преиспитаат моделите и ќе постават незгодни прашања, постои реален ризик јавната расправа да се претвори во формалност. Не може од жител на Луке или на Крива Паланка да очекуваме сам да анализира студија за влијание на животната средина, технологија на флотација, геохемија, арсен, антимон или стабилност на јаловиште“, вели Кирил Ристовски, „Флоразон“

Ресорното министерство во оваа фаза не располага со одобрена односно финална студија за оцена на влијанието врз животната средина, ниту со комплетни анализи за вода, почва и руда за експлоатациската фаза.

„Бидејќи истражувањата се во тек, сè уште не е утврдена содржината на антимон во рудата. Првичниот договор за концесија и проектот се однесуваат на олово, цинк, злато, сребро и бакар. Сите точни податоци за други видови минерали или метали во рудното тело ќе бидат дефинитивно утврдени и добиени дури по завршувањето на деталните геолошки истражувања и со изработката на финалниот елаборат“, појаснуваат од Министерството за рударство, енергетика и минерални суровини.

Концесионерот засега нема одобрение од државата за експлоатација, бидејќи за добивање дозвола (во согласност со чл. 55 од Законот за минерални суровини), треба да исполни дополнителни законски услови и да достави соодветна документација.

Во близина на поранешната фабрика „Карпош“, функционира лабoраторија за испитувања и складирање на наодите што се препраќаат во странство за испитувања / Фото: Локал Актив

Концесионерот „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“ е фирма основана од австралискиот бизнисмен Ник Јовановски, кој е извршен директор на „Пела глобал лимитед“, австралиска компанија за истражување и експлоатација на критични и скапоцени метали. На сајтот на оваа компанија е наведено дека овој проект е во напредна фаза и дека е насочен кон производство на висококвалитетен концентрат од антимон на локалитет со историско производство, стратегиски позициониран да придонесе кон целите на Западот за снабдување со критични минерали.

„Иако рудникот во голема мера останал недопрен откако производството престанало во 1981 година, потребни се развојни активности за безбедно повторно воспоставување на рударските активности и пристап до подземната минерализација. Спротивно на тоа, ќе биде потребно проектирање и изградба на целосно нова постројка за преработка“, се наведува на овој сајт.

Сепак, концесионерот не одговори на нашето барање за средба, ниту достави одговор на нашите прашања.

Доколку има минимум 3 % антимон на еден тон руда, ќе биде исплатливо

Антимонот во природата најчесто се појавува заедно со арсен, талиум и други полиметали, велат експертите од областа.

Според Соња Лепиткова, професорка и претседателка на Македонското геолошко друштво, исклучително позитивно од аспект на потенцијалната експлоатација и влијанието врз животната средина за овој рудник е дека антимонот не е врзан со арсен.

Соња Лепиткова, претседателка на Македонското геолошко друштво / Фото: приватна архива

„Во периодот кога Крстов Дол бил активен рудник, содржината на антимон во рудата изнесувала од 2,35 % до 2,65 % на еден тон руда. За споредба, содржината на антимон во јаловината од старото флотациско јаловиште изнесува 0,35 % на еден тон. Важно е да се напомене дека во Крстов Дол антимонот не е врзан со арсен, што е исклучително позитивно од аспект на потенцијалната експлоатација и влијанието врз животната средина“, појаснува Лепиткова.

Според неа, важно е да се истакне дека за да биде едно наоѓалиште економски оправдано за експлоатација на антимон, потребно е да располага со минимум 3 % антимон на еден тон руда. 

Градоначалникот на Крива Паланка вели дека од компанијата се информирани дека се изведени приближно 3 500 метри истражувачки дупчења, а продолжуваат дополнителните геолошки и геофизички испитувања.

„Примероците се испраќаат на анализа во лабораториите ALS во Ирска. Според нивните најави, резултатите се очекуваат кон крајот на ноември и во текот на декември, кога е планирана и првата процена на минералните ресурси“, вели Митовски.

Екологистите бараат навремена транспарентност

Од невладиниот сектор го нагласуваат проблемот што засега јавноста нема доволно информации за овој проект. Освен за количината на скапоцениот минерал, населението мора да знае каква точно технологија на експлоатација и преработка се разгледува, колкав би бил капацитетот, каде и како би се третирала рудата, како би се управувало со јаловината, колкава количина вода би била потребна, кои водотеци би можеле да бидат засегнати, кои емисии се очекуваат во атмосферата и каков ќе биде целокупниот просторен отпечаток на проектот.

„Прерано е да се каже дали сме ‘за’ или ‘против’ конкретниот рудник, затоа што јавноста сè уште нема доволно информации. Геолошките истражувања сами по себе не значат автоматски дека е одобрено отворање на рудник, но тие се првиот сериозен чекор кон можната експлоатација, па затоа токму сега треба да започне јавната дебата, а не откако сите суштински одлуки веќе ќе бидат донесени“, смета Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија „Флоразон“.

„Важно е да се напомене дека во Крстов Дол антимонот не е врзан со арсен, што е исклучително позитивно од аспект на потенцијалната експлоатација и влијанието врз животната средина“, Соња Лепиткова, претседателка на Македонското геолошко друштво

Минатите искуства, според екоекспертите, треба да се земат предвид.

Кирил Ристовски, „Флоразон“ / Фото: приватна архива

„Мора да бидеме особено внимателни затоа што регионот веќе има искуство со рударска индустрија. Последниот инцидент беше регистриран во март 2025 година во рудникот Тораница, каде што имаше неконтролирано испуштање загадена техничка вода, која резултираше со помор на риби и друг животински свет во должина на течението на Крива Река. Државниот инспекторат за овој случај утврди прекршок од трета категорија, а за правниот субјект беше предвидена глоба до 200.000 евра. Слични инциденти имаше и во рудниците Саса и Бучим, а ефектите врз животната средина беа идентични – помор на животински свет, затруена стока и контаминирано крајбрежје“, алармира Ристовски од „Флоразон“, кој додава дека загриженоста на експертите за заштита на животната средина не е само теоретска.

Граѓаните, според Ристовски, мора да имаат пристап до детални и лесно разбирливи информации.

„Вистинска транспарентност значи државата и инвеститорот уште од рана фаза да им објаснат на граѓаните што точно се планира, која технологија се разгледува, кои се ризиците, кои се алтернативите и какви механизми ќе постојат доколку нешто тргне наопаку“, вели Ристовски.

Проблем може да биде што Крива Паланка нема доволно развиен граѓански сектор од областа на екологијата.

„Ако во локалната заедница немаме доволно силни и стручни граѓански организации што ќе ја прочитаат студијата од неколку стотици страници, ќе ги анализираат хидролошките податоци, ќе ги преиспитаат моделите и ќе постават незгодни прашања, постои реален ризик јавната расправа да се претвори во формалност. Не може од жител на Луке или на Крива Паланка да очекуваме сам да анализира студија за влијание на животната средина, технологија на флотација, геохемија, арсен, антимон или стабилност на јаловиште“, дециден е Ристовски, кој смета дека државата треба да обезбеди услови за независна стручна ревизија на клучните анализи.

„Бидејќи истражувањата се во тек, сè уште не е утврдена содржината на антимон во рудата. Првичниот договор за концесија и проектот се однесуваат на олово, цинк, злато, сребро и бакар. Сите точни податоци за други видови минерали или метали во рудното тело ќе бидат дефинитивно утврдени и добиени дури по завршувањето на деталните геолошки истражувања и со изработката на финалниот елаборат“, Министерство за рударство, енергетика и минерални суровини

„Консултацијата не смее да биде: ‘Еве ја студијата, имате 30 дена да дадете забелешки’. Треба активно да се бара мислењето на локалната заедница“, порачува тој.

Поранешната министерка за животна средина Каја Шукова нагласува дека кога се зборува за рудник за антимон, треба да се знае дека не зборуваме за изградба на уште една зграда или објект.

„Зборуваме за нешто што може сериозно да влијае врз животната средина и врз здравјето на граѓаните. А чистата и безбедна животна средина треба да ѝ биде приоритет на секоја влада, а со тоа и заштитата на здравјето на граѓаните. Антимонот е хемиски елемент што може да биде штетен за здравјето на луѓето и за животната средина. Изложеноста на поголеми количества може да предизвика проблеми со дишењето, желудникот, срцето и со други органи, а одредени соединенија на антимонот се сметаат за потенцијално канцерогени. Антимонот може да ги загади водата, почвата и воздухот и да им наштети на растенијата и на животните“, алармира Шукова.

Антимонот во кумановско Лојане со страшни последици

Иако повозрасните кривопаланчани знаат дека во минатото на истата оваа локација во Кривопаланечко имало рудник, Министерството за рударство, енергетика и минерални суровини не располага со информации за стари рударски објекти и јаловишта во Крстов Дол.

„Подетални податоци за евентуални историски/стари рударски отпади и објекти ќе бидат дел од финалната техничко-геолошка документација и елаборатите по завршување на истражната фаза“, прецизираат од ресорното министерство.

Градоначалникот на Крива Паланка сведочи дека од непосредните разговори со жителите од тој крај, има впечаток дека локалното население дава поддршка на рудникот, затоа што во минатото се печалело од овој рудник.

„Кај луѓето со кои разговарав, наидов на јасна и недвосмислена поддршка за можноста за рестартирање на рудникот. Тоа е крај со рударска традиција, каде што многу семејства ја поврзуваат својата егзистенција со оваа професија. Важно е да се нагласи дека станува збор за рестартирање на историскиот рудник Крстов Дол, во кој работеле и претходни генерации од нивните семејства. Затоа, тие во проектот препознаваат можност за работа и економско заживување на својот крај. Ова го пренесувам како впечаток од непосредните разговори, без да зборувам во име на секој жител“, појаснува Митовски.

Експертот од организацијата „Флоразон“ Кирил Ристовски се повикува на официјална анализа, според која има загадувања што се поврзуваат со остатоци од рудното наоѓалиште од пред повеќе од четири децении.

„Македонија повеќепати покажала дека има сериозни слабости во превенцијата, мониторингот и навремената контрола на индустриските ризици. Има уште еден многу важен факт. Во официјална анализа изработена во рамките на подготовката на стратегијата за минерални суровини се посочува дека кај поранешниот рудник Крстов Дол и денес постојат количества јаловина од претходната експлоатација, кои се поврзуваат со загадување на површинските води со арсен, антимон и талиум. Значи, пред да разговараме за нова експлоатација, прво мора да знаеме каква е почетната состојба на животната средина и што се случува со старото еколошко наследство“, вели Ристовски.

„Кај луѓето со кои разговарав, наидов на јасна и недвосмислена поддршка за можноста за рестартирање на рудникот. Тоа е крај со рударска традиција, каде што многу семејства ја поврзуваат својата егзистенција со оваа професија. Важно е да се нагласи дека станува збор за рестартирање на историскиот рудник Крстов Дол, во кој работеле и претходни генерации од нивните семејства. Затоа, тие во проектот препознаваат можност за работа и економско заживување на својот крај. Ова го пренесувам како впечаток од непосредните разговори, без да зборувам во име на секој жител“, Сашо Митовски, градоначалник на Општина Крива Паланка

Не толку далеку, во соседството, во кумановско Лојане сѐ уште не се санирани штетите од некогашното копање антимон, но за разлика од кривопаланечкиот рудник, тој бил со арсен.

Еколошката „жешка точка“, позната како „портокалова прашина“ кај селата Лојане, Ваксинце и преминот Табановце е последица од затворениот рудник за хром, антимон и арсен „Лојане“, кој од 1979 година остави десетици илјади тони канцероген отпад на отворен простор. Овој токсичен депониран материјал, преку дождовите продира директно во подземните води, реките и бунарите, додека преку ветерот се разнесува како отровна прашина врз земјоделските површини и околните населени места.

Друго истражено наоѓалиште на антимон во овој регион е Никуштак, исто во близина на Куманово.

Рударство или зачувување на природното богатство

Иако градот не е исклучок од масовната миграција и иселувања, не се знае дали воопшто младите би сакале да работат рударство. Првиот човек на Општината е оптимист дека доколку се понудат добри плати, има надеж.

„Верувам дека дел од младите би биле заинтересирани доколку им се понудат добри плати, безбедни и фер услови за работа и можност за професионален напредок. Крива Паланка има рударска традиција, а овој сектор отвора можности за различни професии — инженери, геолози, електричари, машински техничари и други стручни кадри“, заклучува Митовски.

Фото: Локал Актив

Рударството има традиција во градот, но истовремено градот е препознатлив и по „паланечкиот“ компир одгледан на висока надморска височина, но и планините каде што сè помасовно се развива туризмот.

Дали Крива Паланка ќе прерасне во нов  рударски центар за извоз на антимон кон САД, или, пак, ќе се фокусира врз планинскиот туризам и препознатливото земјоделство, на крајот ќе мора да решат самите граѓани. Но, за да немаат референдумот и изјаснувањето само формален карактер, државата и концесионерот се должни на маса да ги стават сите карти: од точната технологија за преработка и заштита на водите, до реалната процена на природното богатство и на еколошките последици. Само со целосна транспарентност и независни стручни ревизии, развојот нема да биде платен со здравјето на идните генерации.

* Христина Стојановска е новинарка

** Никола Митовски е активист во Регионалниот центар за соработка „Спектар“ од Крива Паланка 

*Преземено од Локал Актив,  онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

**Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?