Седум семејства во Данска денес пред Врховниот суд го оспоруваат раскинувањето на договорите за нивните станови, тврдејќи дека биле дискриминирани поради потеклото. Случајот од Хелсингер, северно од Копенхаген, ја отвора поделбата на „западни“ и „незападни“ жители, која од статистичка категорија прерасна во критериум со последици за домувањето.
Лице може да биде родено во Данска, да има дански пасош и сепак статистички да биде заведено како потомок со „незападно“ потекло. Причината е што класификацијата ги зема предвид и родителите. Според данскиот статистички завод, за „данско потекло“ најмалку еден родител треба истовремено да биде роден во Данска и да има данско државјанство.
„Западни“ се земјите од ЕУ и дополнителна група држави, меѓу кои Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Останатите се „незападни“. Според оваа дефиниција, во втората група спаѓа и Македонија.
Практичните последици произлегуваат од станбената политика воведена во 2018 година, позната како „закон за гета“. За означување на проблематичните населби се користат показатели за невработеност, криминал, образование и приходи. Населбите треба да имаат најмалку 1.000 жители и да исполнуваат најмалку два од четирите социоекономски критериуми.
За категоријата „паралелни општества“ дополнително е важно дали повеќе од половина од жителите се доселеници од „незападни“ земји или нивни потомци. Населбите што пет години остануваат во оваа категорија подлежат на планови за преобразба. До 2030 година уделот на семејните социјални станови треба да се намали на најмногу 40 отсто, преку мерки што вклучуваат продажба, уривање, пренамена и нова градба.
Владата ја образложува политиката како борба против сегрегацијата и создавањето „паралелни општества“. Станарите што ја оспоруваат сметаат дека потеклото на соседите станува причина луѓето да ги изгубат домовите.
На семејствата од Хелсингер договорите им биле раскинати во 2022 година, по најавена обемна реконструкција. Пониските судови пресудиле во корист на станбеното здружение, со образложение дека „незападните“ жители не претставуваат една етничка група.
Судот на правдата на ЕУ, во одделен предмет, на 18 декември 2025 година појасни дека опфаќањето повеќе етнички групи само по себе не ја исклучува можноста за етничка дискриминација. Данските судови треба да утврдат дали критериумот е поврзан со етничкото потекло и дали создава понеповолен третман, вклучувајќи поголем ризик од предвремено раскинување на закупот.
Европскиот суд не го укина законот. Неговата одлука бара националните судови да ја оценат примената, пропорционалноста на мерките и почитувањето на правото на дом.
Според здруженијата на станари, околу 11.000 луѓе би требало да се преселат до 2030 година поради спроведувањето на политиката. За пресудата во случајот пред Врховниот суд сѐ уште не е објавен датум.

