Кога ќе треба да се спречи насилството врз жените, гласот на црквата е тивок. Кога ќе треба да се оспорат родовите политики и сексуалното образование, тој станува гласен и влијателен. Тоа не е само прашање на двојни стандарди. Тоа е прашање на морална одговорност на институција што има големо влијание врз вредностите во македонското општество.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во Богданци, 17-годишна девојка го загуби животот во трагедија за која истражните органи соопштија дека првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство. Случајот добива уште потешка димензија по информациите дека претходно имало пријави за насилство и дека биле изречени мерки за заштита. Сите околности мора да бидат целосно утврдени, но веќе познатите информации се доволни за да се постави прашањето што македонското општество со години го одложува: колку навистина сме подготвени да го препознаеме и спречиме насилството врз жените пред да заврши со смрт?
Граѓанските организации алармираат. Активистите бараат одговорност. Институциите се соочуваат со прашања за тоа дали постапиле навреме, дали ризикот бил правилно проценет и дали заштитата била доволна.
А каде е Македонската православна црква?
Каде е нејзиниот глас кога повторно се поставува прашањето дали една девојка можела да биде заштитена? Каде е јавната порака дека љубомората не е љубов, дека контролата не е грижа, дека заканите не се приватна работа и дека ниту една жена не му припаѓа на мажот со кого е во врска?
Не е доволно да се повикаме на тоа дека црквата се занимава со духовни, а не со општествени прашања. Црквата не живее надвор од општеството. Таа влијае врз неговите вредности, врз разбирањето на семејството, врз односите меѓу мажите и жените и врз она што заедницата го смета за прифатливо.
Токму затоа нејзиниот молк, кога нема јасна и видлива осуда на насилството врз жените, не е без последици.
Кога црквата е гласна, а кога ја нема
Во македонскиот јавен простор, црковните претставници и верските структури знаат да настапат многу гласно кога се отвораат прашања за родовата еднаквост, сексуалното образование или содржините со кои децата треба да се запознаат во училиштата.
Во тие расправи не се присутни само како духовни авторитети што го соопштуваат сопственото учење. Нивните ставови често стануваат дел од политичката дебата, а, за жал, понекогаш и аргумент за менување или повлекување јавни политики.
Токму за тоа предупредивме и во колумната „Кој ја води државата: науката или црквата?“. Верските заедници имаат право да ги изнесуваат своите ставови. Но секуларната држава не смее да ја замени стручната проценка со религиозен притисок.
Истото начело важи и сега, но со уште поголема морална тежина.
Ако црквата смета дека има право да интервенира во расправите за тоа како треба да се воспитуваат младите, тогаш не може да се однесува како насилството во семејството и врските да е тема што не ја засега. Ако сака да влијае врз моралните вредности, тогаш мора да покаже дека тие вредности подразбираат и недвосмислена осуда на понижувањето, заканите, принудата и насилството врз жените.
Не може да се биде гласен кога се оспорува зборот „род“, а тивок кога жените и девојките стануваат жртви на насилство.
Не може да се бара влијание врз образованието, а да не се преземе јавна одговорност за воспитувањето против насилството.
И не може семејството да се претставува како највисока вредност, а да се молчи за насилството што се случува токму во семејните и партнерските односи.
Патријархатот не е вера, а насилството не е традиција
Тука мора да направиме јасна разлика. Критиката на молкот на МПЦ не е напад врз православието, ниту обвинување на верниците. Многу верници и свештеници сигурно го осудуваат насилството и помагаат на луѓето во своите заедници. Прашањето е зошто таа осуда не е доволно јасна, гласна и видлива на институционално ниво кога општеството се соочува со повторливи случаи на насилство врз жените.
Верата и патријархалната доминација не се исто. Традицијата не е оправдување за насилство. А семејните вредности не можат да се сведат на очекувањето жената да биде послушна, да трпи и да ја зачува врската по секоја цена.
Во општество во кое машката контрола сè уште може да се претставува како љубов, љубомората како доказ за приврзаност, а разделбата како навреда за машката чест, потребни се јасни пораки од сите институции што имаат авторитет.
Потребно е недвосмислено да се каже дека партнерот нема право да контролира со кого разговара жената, каде оди, што објавува, дали ќе ја прекине врската или како ќе го организира сопствениот живот. Никој нема право да се повикува на љубов, чест, семејство или вера за да ја оправда заканата или насилството.
Тоа не е напад врз традиционалните вредности. Тоа е одбрана на човечкото достоинство.
И ако црквата сака да биде морален авторитет, токму тука треба да биде најгласна.

Фемицидот не започнува во моментот на убиството
Фемицидот е најекстремната форма на родово засновано насилство. Затоа не може да се разбере само како последен, трагичен чин, одвоен од сè што му претходело.
Пред него може да има закани, следење, контрола, понижување, уцени, физичко насилство и повторени обиди жртвата да се оддалечи од сторителот. Не секој случај има иста хронологија, но токму препознавањето на ризикот и навремената заштита се клучни за спречување на најтешките последици.
Во случајот во Богданци, јавните информации за претходни пријави и мерки за заштита ја прават оваа тема уште поважна. Одговорноста за утврдување на пропустите е на надлежните институции и истрагата мора да покаже што било направено, што не било направено и дали можело да се спречи трагедијата.
Но превенцијата не е само полициска или судска работа. Таа е и општествена задача.
Кога девојката ќе слушне дека љубомората е доказ за љубов, кога момчето ќе научи дека одбивањето е навреда, кога заканите ќе се релативизираат како „кавга меѓу партнери“, тогаш насилството добива простор во кој може да се развива.
Затоа на младите им треба образование за согласност, лични граници, почитување, препознавање насилство и барање помош. Им требаат возрасни што нема да ги засрамуваат затоа што пријавиле насилство, ниту ќе ги убедуваат дека треба да трпат за да го зачуваат семејството.
Токму тука црквата може да има значајна улога. Со проповеди, јавни пораки, разговори со семејствата и со јасно охрабрување жртвите да побараат помош. Со јавни настапи. Многу добро знаат како тоа се прави кога е во нивни интерес. Не со замена на стручните служби, туку со поддршка на нивната работа.
Моралниот авторитет се докажува кога е најпотребен
МПЦ има право да се спротивставува на политики со кои не се согласува. Но кога од верските ставови се бара да имаат влијание врз јавните одлуки, тогаш е легитимно да се праша дали истиот тој авторитет се користи за заштита на најранливите.
Кога ќе се огласи против одредена образовна програма, црквата испраќа порака дека темата е важна за неа. Кога нема видлива и недвосмислена институционална порака против насилството врз жените, јавноста има право да праша зошто.
Не бараме црквата да ги преземе работата и надлежностите на државата. Не бараме од свештениците да водат истраги, да проценуваат ризик или да одлучуваат за казните. Тоа се задачи на полицијата, обвинителството, судовите и социјалните служби.
Но бараме од институција со толкаво општествено влијание да не остане настрана кога се брани правото на жените да живеат без страв.
МПЦ може јавно да каже дека насилството врз жените е неприфатливо, дека жртвата никогаш не е виновна за насилството што го трпи и дека никој не смее да користи вера или традиција за да ја оправда контролата над друга личност. Може да ги повика верниците да ги пријавуваат заканите, да ги поддржуваат жртвите и да не ги штитат сторителите со молк.
Тоа не бара промена на верското учење. Бара јасно морално определување.
Молкот не е неутралност
По секоја трагедија слушаме дека општеството е потресено. Следуваат осуди, барања за одговорност, институционални соопштенија и ветувања дека нешто ќе се промени. Потоа вниманието се префрла на друга тема, а насилството останува дел од секојдневието на многу жени.
Не можеме да ја префрлиме целата одговорност врз црквата. Државата мора да ги спроведува законите, институциите да ги проценуваат ризиците и да реагираат навреме, а општеството да престане да го оправдува насилството со љубомора, традиција или машка чест.
Но не можеме ниту да го игнорираме влијанието на институција што има пристап до голем број семејства и значајна улога во формирањето на општествените ставови.
Ако МПЦ сака да биде слушана кога зборува за семејството, тогаш треба да биде слушната и кога го брани достоинството на жената во тоа семејство. Ако сака да биде морален авторитет, треба да покаже дека тој авторитет не се активира само кога се оспоруваат нејзините ставови, туку и кога човечкиот живот и безбедноста се во опасност.
Богданци не смее да остане уште една трагедија по која ќе се пребројуваат реакциите, ќе се бараат виновници и ќе се чека следниот случај. Мора да биде повод за сериозно соочување со насилството, со институционалните пропусти и со вредностите што го прават тоа насилство полесно да се оправда или премолчи.
Затоа прашуваме зошто МПЦ не го употребува своето влијание за да ја брани жената од насилство со истата решителност со која ги брани своите ставови во јавните расправи.
Црквата не треба да ја води државата. Но, треба да учествува во моралната дебата во општеството. Не смее да молчи кога жените се убивани.

