Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена за 3 процентни поени (од 73 % на 76 %). Владата и Министерството за одбрана и оваа година се со максимални 100 проценти транспарентност, се наведува во истражувањето што го спроведе Центарот за граѓански комуникации, во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“.
Според извештајот, својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 % од институциите, за разлика од лани, кога се подобриле 81 % од институциите.
Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 74 %. За разлика од лани, министерствата се подобриле за нецел процентен поен, а општините за 4.
Како и лани, и годинава само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.
Две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност.
Меѓу регионите, на првото место изби Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 % активна транспарентност).
Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57 % од можни 100 %, а министерствата 62 % од можни 100 %).
како што преецизираат истражувачите, „се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање“. Оттаму велат дека „Општините одговорија во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговорија за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 93 % од институциите)“, се наведува во извештајот.
Ова истражување се спроведува во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Извор Фронтлајн.мк