Нападот врз Сара во Охрид се случи вчера, а премиерот Христијан Мицкоски и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков со јавна осуда се огласија денеска попладне. Нивните реакции следуваат по вознемирувачките сведоштва на семејството и јавното незадоволство од постапувањето на институциите.
Мицкоски го осуди нападот и порача дека ќе сторат сè сторителот да одговара пред правдата.
Пецаков, пак, преку социјалните мрежи изрази згрозеност од настанот и ги повика надлежните институции да постапат брзо, ефикасно и правично. Во реакцијата нагласи дека ваквите настани не се одлика на Охрид и не смеат да се случуваат во градот.
Додека пристигнуваат осудите од политичките функционери, Сара е во болница, а нејзиното семејство бара заштита и целосно расчистување на нападот. Мајката јавно изнесе сомнежи за обиди за прикривање на случајот и за влијание врз медицинската документација. Станува збор за наводи на семејството што надлежните треба да ги испитаат.
Според полициските информации, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Осомничениот Кристијан Корабоски бил приведен во 05:05 часот. Против него е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда, а судот, на предлог на Обвинителството, првично определи мерки на претпазливост.
Мерките опфаќаат забрана за приближување до Сара на помалку од 50 метри, одземање на пасошот и обврска за периодично јавување во судот. Во меѓувреме, осомничениот повторно е приведен, а од СВР Охрид за медиумите потврдиле дека се појавиле нови околности во случајот.

