Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ со отворен повик за учество во креирање на програмата

Скопје

Фондацијата ги повикува граѓаните, уметниците, институциите и организациите од целиот град, без разлика на возраста, јазикот, заедницата или општината од која доаѓаат, да ги споделат своите идеи за Европската престолнина на културата најдоцна до 23 ноември 2026 година.

Каква културна иднина сакаме за Скопје? Кои идеи, приказни и иницијативи треба да ја одбележат 2028 година, кога нашиот град ќе биде Европска престолнина на културата? Одговорите на овие прашања Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ сака да ги најде заедно со сите што живеат, создаваат и работат во Скопје.

Фондацијата ја објави работната верзија на Програмата за култура на својата официјална интернет-страница и ја отвора за јавна консултација. Целта е во нејзиното обликување да учествуваат не само институциите, туку и сите што создаваат, поддржуваат или сакаат да придонесат кон културниот живот на градот, затоа што програмата на Европската престолнина на културата треба да биде програма на целиот град.

Повик до сите, без исклучок

Фондацијата посебно ги повикува да се вклучат:

  • Сите граѓани од сите возрасти, заедници и општини во Скопје, вклучително и младите, повозрасните и лицата со попреченост;
  • индивидуалните уметници, културните работници и креативците;
  • културните, образовните и научните институции и академската заедница;
  • независните и граѓанските организации, неформалните групи и иницијативите од населбите;
  • креативните индустрии и деловната заедница.

Отвореноста на процесот произлегува од самиот концепт на Скопје 2028 – „Култура над поделбите“. Тоа не значи негирање на разликите, туку култура што ги поврзува различните јазици, заедници, генерации и искуства преку дијалог и заедничко создавање. Затоа Фондацијата особено ги охрабрува да се вклучат и оние чиј глас досега поретко се слушал во културниот живот на градот.

Предлозите може да се однесуваат на нови културни и уметнички содржини, современи практики, културното наследство, независната сцена, младинското учество, инклузивноста и пристапноста, децентрализацијата и културата во населбите, јавните простори и меѓународната соработка. Добредојдени се и коментари за работната верзија на програмата, како и сосема нови идеи што досега не се опфатени.

Како да учествувате?

Погледнете ја работната верзија на Програмата за култура на следниот линк:

Предлозите и коментарите испратете ги на info@skopje2028.mk, со предмет „Јавна консултација – Програма за култура на Скопје 2028“. Не е потребно да бидете професионалец во културата или да претставувате организација: доволен е краток опис на идејата и објаснување како таа може да придонесе кон културната програма.

Фондацијата ги очекува вашите забелешки, коментари и предлози најдоцна до 23 ноември 2026 година.

Сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани и ќе послужат за унапредување на финалната верзија на Програмата за култура. Покрај можноста за доставување писмени предлози, во наредниот период ќе се организираат и средби со различни фокус-групи од уметничката и културната сцена на Скопје. Преку овие разговори и размената на мислења, Фондацијата ќе ги вклучи различните перспективи и искуства во подготовката на финалната верзија на Програмата за култура.

Скопје 2028 не е само културна програма за една година. Тоа е можност градот да создаде нови културни вредности и да остави трајно наследство за генерациите што доаѓаат. Затоа, нејзината содржина треба да произлезе од идеите, знаењето и енергијата на луѓето што го создаваат и живеат Скопје – од сите нас.

Скопје 2028 е програма на сите нас. Да ја создадеме заедно културната иднина на Скопје, апелираат од фондацијата.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?