Естонија планира од 1 декември да ги затвори трите патни гранични премини со Русија, откако беше спречен обид за подметнување пожар во фабрика за дронови кај Талин. Естонската служба за внатрешна безбедност тврди дека нападот бил нарачан од руското воено разузнавање ГРУ.
Обидот за саботажа се случил рано на 14 ноември во Вимси. Според естонските власти, целта била да се предизвикаат експлозија и пожар во објект на компанијата „Threod Systems“. Никој не е повреден, а производството продолжило. Приведени се осум осомничени кои живеат во Латвија. Обвинителството побарало притвор за петмина.
Мерката би важела за возила и пешаци на премините Нарва, Лухамаа и Којдула. Естонската влада ќе разговара за затворањето кон крајот на неделата. Според министерот за внатрешни работи Игор Таро, железничкиот премин кај Нарва засега би останал отворен.
Естонското Министерство за надворешни работи во понеделникот го повика рускиот вршител на должноста амбасадор за да му пренесе протест поради обидот за саботажа. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, ја оцени најавата за затворање на премините како израз на русофобија.

