Дваесет и шестгодишната Сара Ѓорѓиеска е отпуштена од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид и сега е на клиника во Скопје, каде што ѝ се прават дополнителни испитувања. Информацијата за „Охридпрес“ ја потврди нејзиниот татко Љупчо.
Ѓорѓиеска беше хоспитализирана по нападот на 15 ноември. Во охридската болница ѝ биле направени повеќе прегледи, меѓу кои и компјутерска томографија на главата. Според првичните информации од болницата, кај неа биле констатирани повеќе хематоми и модринки.
Основниот суд во Охрид му одреди 30 дена притвор на 31-годишниот Кристијан Корабоски. Обвинителството го товари за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинението, тој ја задржал партнерката против нејзина волја, физички ја нападнал и ѝ нанел повреди.
По првото приведување, судот му одреди мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана да ѝ се приближува на Ѓорѓиеска на помалку од 50 метри. Полицијата повторно го приведе на 16 ноември. Обвинителството ја сослуша Ѓорѓиеска во присуство на социјалните служби, а по вештачењето на повредите поднесе обвинение и побара притвор.

