Германските производители на автоделови се префрлаат на дронови и воена опрема

Фото: Flickr/Gregor Hartl

Соочени со пад на нарачките и затворање работни места, германските добавувачи на автомобилски делови се пренасочуваат кон производство на дронови, воена опрема и вселенски компоненти. Баварската семејна компанија „Јоп“ (Jopp) веќе има капацитет да изработува по 1.000 надзорни дронови месечно за да ја намали зависноста од автомобилските гиганти.

Семејната компанија „Јоп“ со седиште во Баварија ја донесе одлуката за промена на дејноста откако нејзиниот договор за менувачи со „Порше“ заврши. Фирмата сега произведува дронови за младата германска одбранбена компанија „Хајкет“ (Highcat), која потоа ги продава на војската, полицијата и противпожарните служби.

Пренасочувањето кон беспилотни летала е дел од стратегијата на „Јоп“ за намалување на уделот на автомобилската индустрија во вкупната продажба од сегашните 85 проценти на 60 проценти до 2035 година. Во изминатите шест години работната сила на компанијата се намали од околу 2.000 на 1.400 вработени, а беа затворени и две фабрики.

Извршниот директор на „Јоп“, Мартин Бухс, изјави за агенцијата АФП дека влезот во секторот за дронови овозможува барем задржување на постојниот број вработени. Тој посочи дека голем дел од автомобилските проекти се одложуваат и до две години, додека клиентите нарачуваат значително помали количини отколку во минатото.

Германската автомобилска индустрија се соочува со длабок пад поради силната конкуренција од Кина, високите американски царини и слабата продажба на европскиот пазар. Според податоците на консултантската куќа „Ернст и Јанг“ (EY), секторот од 2019 година досега изгубил повеќе од 140.000 работни места во Германија, што претставува едно од секои шест работни места. Истражувањето на консултантската фирма „Роланд Бергер“ покажа дека речиси 80 проценти од германските добавувачи бараат раст во други гранки, пред сè во одбраната, вселенската индустрија и медицинската технологија.

Сличен чекор презема и далеку поголемиот германски производител на автомобилски и индустриски компоненти „Шефлер“ (Schaeffler), кој најави укинување на над 8.000 работни места. Компанијата во мај објави партнерство со американската фирма за сателитски податоци „Спајр Глобал“ (Spire Global) за производство на делови за вселенски летала, со план за заедничко сериско производство на сателити. Во јуни „Шефлер“ ги претстави и плановите за производство на нападните дронови „Дамоклес“ и пресретнувачите „Аспик“, дизајнирани од француската компанија „Делер“ (Delair).

Европскиот автомобилски сектор се соочува со континуиран пад кој нема да исчезне преку ноќ, оцени овој месец извршниот директор на „Шефлер“, Клаус Розенфелд.

Од друга страна, експертот за автомобилска индустрија во „Роланд Бергер“, Феликс Моге, предупредува дека диверзификацијата сама по себе нема да ги реши структурните проблеми на добавувачите. Тој нагласи дека пазарите кон кои се насочуваат се веќе силно конкурентни, а нарачките во одбранбениот сектор се помали и помалку предвидливи во споредба со автомобилската индустрија.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?