Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во безбедносните мерки и контроли на информацискиот систем на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, преку кој дневно се обработуваат просечно 15 милиони трансакции. Ревизијата покажа дека институцијата функционира без усвоена ИТ стратегија, без офицер за информациска безбедност и со пополнети само седум од вкупно 42 систематизирани работни места во Секторот за информатика.
Државниот завод за ревизија денеска го објави конечниот извештај од ревизијата на успешност за имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Фондот за здравствено осигурување за периодот од 2023 до 2025 година. Ревизорите констатираа дека отсуствува целосна анализа на ризиците, а минималните стандарди за информациска безбедност не се целосно применети, што ги изложува податоците на стотици илјади осигуреници и здравствени установи на ризик од компромитирање.
Постојните политики и процедури за информациска безбедност во Фондот датираат од 2014 година и не се ажурирани. Иако во декември 2023 година надворешен економски оператор подготвил нови деловни процедури и планови за опоравување од катастрофи, раководството на Фондот до денот на известувањето за ревизијата сè уште ги нема одобрено. Дополнително, никогаш не е спроведено пенетрациско тестирање на целиот информациски систем за навремено откривање на ранливости, ниту пак се реализирани симулации со лажни фишинг пораки за проверка на подготвеноста на вработените, иако во март 2025 година институцијата била цел на фишинг измама со лажен домен.
Кадровската екипираност во Секторот за информатика е на критично ниско ниво. Од вкупно 42 систематизирани работни места, во 2024 и 2025 година биле пополнети само седум, односно 16,67 отсто. Во Одделението за хардвер, системски софтвер и комуникации работи само едно лице од предвидените 11, раководните позиции во секторот не се пополнети, а празно е и законски задолжителното место за офицер за сигурност на информациониот систем. Поради ваквиот недостиг на кадар, одржувањето на инфраструктурата зависи од надворешни компании, со кои Фондот нема склучено договори за доверливост на информации за сите лица што имаат администраторски привилегии.
Ревизорите идентификуваа и сериозни технички пропусти во секојдневното ИТ работење. Серверот за базата на податоци користи верзија од 2019 година и не е ажуриран од април 2023 година, иако производителот во меѓувреме објавил 12 нови безбедносни надградби. Во употреба се и работни станици и сервери со застарени оперативни системи без техничка поддршка, вклучително и системот за трезорско работење и е-трезор кој работи на платформа од 2012 година, како и системот за дијагностичко сродни групи.
Во делот на заштитата на пристапот, утврдено е дека бројот на администраторски сметки ги надминува препораките, базата на податоци не е енкриптирана, а повеќефакторска автентикација не се применува за сите корисници, вклучително и при далечински пристап на надворешни оператори. Иако Фондот има набавено систем за резервни копии и користи приватен облак со секундарна локација, не е донесена политика за поврат на податоци, ниту е спроведено реално тестирање на секундарната локација при испад на примарната. Анализата на осум клучни договори за ИТ одржување покажа и временски празнини без обезбедена поддршка и антивирусни лиценци, додека уредите за непрекинато напојување во централата и подрачните служби не се сервисирани од октомври 2023 година.
Државниот завод за ревизија го приложи и Акцискиот план што вршителот на должност директор на Фондот, м-р Златко Перински, го доставил на 26 октомври 2026 година за постапување по наодите од финансиската ревизија и ревизијата на усогласеност за 2024 година. Во овој документ се предвидени конкретни рокови до крајот на 2026 и 2027 година за усогласување на ИТ политиките со стандардите НИС2 и ИСО 27001, зајакнување на кадарот, интеграција на системот за електронски рецепт и надградба на софтверските решенија, додека на Нацрт-извештајот од самата ИТ ревизија на успешност раководството на Фондот не доставило забелешки.

