Во руралните средини жените ретко пријавуваат семејно насилство. Силно влијание сè уште имаат патријархалните норми и стравот од осуда, особено во малите локални заедници, каде што приватноста тешко се зачувува. Поради тоа, насилството често останува невидливо. Меѓу причините се и недоволниот пристап до информации и до надлежните институции, како и стравот од насилникот.
Ова беше истакнато на трибината „Она за што жените молчат“, која деновиве се одржа во пелагониската општина Кривогаштани, во организација на здружението „Пелагона прва“.

„Жените често избегнуваат да зборуваат за семејното насилство. Се случува да решат да пријават, а потоа да се откажат, бидејќи живеат во мали средини и се плашат што ќе речат соседите и семејството. Често немаат полициска станица во близина, а матичните лекари најчесто први дознаваат доколку станува збор за физичко насилство“, вели адвокатката Анастасија Смилевска, една од учесничките на трибината, на која говореа и психологот Јасмина Василева и координаторката на Женскиот центар од Битола, Наташа Беќирова.
За да се прикрие насилството, често се наоѓаат најразлични оправдувања. Жените кажуваат дека паднале по скали, се повредиле додека работеле или на друг начин, само за да не откријат дека се жртви на насилство.
Целта на трибината беше да се подигне свеста кај жителите на руралните средини за потребата да не се премолчуваат ваквите случаи, туку да се бараат начини за нивно решавање. Настанот се одржа во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2025 година во Македонија биле евидентирани 5.436 пријави за семејно насилство. Од 1.275 жртви на кривични дела поврзани со семејно насилство, 1.033 биле жени, односно околу 81 отсто. Нема прецизни податоци колку од нив биле од руралните средини.
На распространетоста на насилството врз жените укажува и истражувањето на ОБСЕ „Благосостојбата и безбедноста на жените“, спроведено во 2018 година. Според резултатите, 6 отсто од жените во руралните средини, наспроти 10 отсто од жените во урбаните средини, изјавиле дека доживеале физичко насилство од интимен партнер по навршувањето 15-годишна возраст.
Истото истражување покажало дека 48 отсто од жените во руралните средини доживеале психолошко насилство од интимен партнер по 15-годишна возраст. Истражувањето опфатило репрезентативен примерок од 1.910 жени на возраст од 18 до 74 години во земјава.
Ф. Д.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

