ВРЕДИ ли да се лицемери? Функционери на власта активно го промовираа „Отворен Балкан“

ВРЕДИ денес го критикува Али Ахмети за поддршката на „Отворен Балкан“ и вели дека приоритет треба да биде поврзувањето со Албанија и Косово. Како пример ги посочува заедничките гранични контроли. Токму еден од тие премини, Ќафасан–Ќафтане, покажува колку е погрешно да се поставуваат овие процеси како меѓусебно исклучиви. Додека се спроведуваа договорите на „Отворен Балкан“, Македонија веќе работеше на заеднички контроли со Албанија и Косово. Во дел од таа работа учествуваа и функционери од партиите што подоцна го формираа ВРЕДИ.

Кадри на денешниот ВРЕДИ учествуваа во процесот

На самитот во Охрид во јуни 2022 година меѓу гостите беше Африм Гаши, тогашен лидер на Алтернатива. Тој јавно објави дека на маргините на самитот се сретнал со Еди Рама, Дритан Абазовиќ и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил. Денес Гаши е претседател на Собранието.

На Самитот во Охрид беше и Беким Сали, тогашен министер за здравство. Министерство за здравство тогаш објави дека заедничката соработка на балканските земји овозможува придобивки за граѓаните. Денес е прв вицепремиер и министер за европски прашања.


Во јули 2022 година, тогашниот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити од Алтернатива беше дел од владината делегација на работните состаноци во Тирана за спроведување на договорите на „Отворен Балкан“.

Неговиот наследник Азир Алиу, тогаш од Алијанса за Албанците, во јануари 2024 година го потпиша протоколот за поврзување на системите за електронска идентификација.

Токму тоа поврзување им овозможи на граѓаните да добијат идентификациски број на „Отворен Балкан“ и електронски да поднесат барање за слободен пристап до пазарот на трудот. Алити денес е член на Комисијата на АЕК. Алиу во јануари 2024 година, како тогашен министер за информатичко општество и администрација, го потпиша протоколот на „Отворен Балкан“ за поврзување на системите за електронска идентификација а, подоцна, како предлог на ВРЕДИ, стана министер за здравство во Владата на Христијан Мицкоски, функција што ја извршуваше до јули 2026 година.

Сегашниот министер за животна средина од ВРЕДИ, Муамет Хоџа, во времето на претходната влада беше владин портпарол.


Во денешното соопштение ВРЕДИ не посочува ниту една конкретна владина информација, договор, меморандум или протокол на кој неговите кадри тогаш се спротивставиле. Тоа е важно за оценката на сегашниот став, бидејќи нивната улога во различни фази од процесот опфаќаше и присуство на самити, и работа на спроведувањето, и потпишување документи.

Што донесоа договорите

Договорот за заштита и спасување од катастрофи создаде рамка за меѓусебна помош. Според владината архива, Северна Македонија добила помош од соседите за време на пожарите во летото 2021 година. Во септември 2022 година трите земји потпишаа и оперативен план за цивилна заштита, како и договор за механизми за обезбедување храна при нарушувања на снабдувањето.

За превозниците и компаниите, зелените ленти на Табановце и Ќафасан, контролите што се вршат 24 часа и меѓусебното признавање на дел од документите и лабораториските анализи го олеснија преминот на земјоделските и прехранбените производи. Посебните спогодби за заемно признавање на статусот на овластен економски оператор овозможија поедноставени царински постапки за компаниите со такво одобрение. За граѓаните, договорите за пазарот на трудот и за електронска идентификација овозможија електронско поднесување барање за работа во друга земја од иницијативата. Во Охрид беше потпишан и договор за олеснување на постапките за признавање дипломи и научни степени.

Соработката со Албанија и Косово се одвиваше паралелно

Билатералниот договор со Албанија за заеднички гранични премини беше потпишан на 10 јуни 2021 година во Тирана. Врз таа основа, на 31 јули 2023 година, Димитар Ковачевски и Еди Рама го пуштија во употреба „One Stop Shop“ на Ќафасан–Ќафтане, со гранични и царински контроли со едно застанување. Во декември 2021 година двете земји склучија и билатерална спогодба за заемно признавање на одобренијата за овластени економски оператори, објавена меѓу документите на „Отворен Балкан“.

Со Косово, пак, на првата заедничка владина седница во Скопје на 16 септември 2021 година беа склучени 11 договори и меморандуми, меѓу кои и договорот за заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце–Хани Елези. Соработката со Косово имаше своја билатерална рамка и се одвиваше во истиот период.

Три влади и меѓународно учество

„Отворен Балкан“ беше меѓувладина иницијатива на Северна Македонија, Албанија и Србија. Припишувањето на целиот процес на Али Ахмети или на Александар Вучиќ ја занемарува улогата на другите влади, министри и институции што ги подготвуваа и спроведуваа договорите. На самитот во Охрид учествуваше тогашниот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји, се обрати американскиот специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, а во Охрид беше и амбасадорот Кристофер Хил. Во март 2022 година, координаторите на иницијативата беа во студиска посета на Вашингтон, каде што разговараа со претставници на Стејт департментот за регионалната соработка.

Денешната Влада може да постави нови приоритети и да преиспита што функционирало во „Отворен Балкан“. За таква оценка, ВРЕДИ треба да каже кои договори ги смета за спорни, кои придобивки ќе ги задржи и што ќе направи за проектите што ги наведува како свои приоритети. За Ќафасан, барем, почетната точка е позната. Заедничките контроли со Албанија беа пуштени во употреба во 2023 година.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?