Припадници на изолираното племе Ава излегоа од амазонската прашума и побараа храна

Околу 20 припадници на домородното племе Ава, кое живее во доброволна изолација во бразилскиот дел на Амазонија, излегоа од прашумата и стапија во контакт со владин тим и локално население. Средбата се случи во бразилска држава Марањао, каде што племето се соочува со секојдневни упади на нелегални дрвосечачи, ловци и сточари.

Припадниците на народот Ава влегле во село на територијата Арарибоја, која е дом на етничката група Гуажажара, соопшти меѓународната невладина организација Сурвајвал интернешнал (Survival International). Локалните жители им понудиле храна, по што тие побарале сладок компир и се вратиле назад во шумата.

На видеоснимката од средбата, направена од жители на заедницата Гуажажара, се гледа група мажи, жени и деца на работ од шумата со ѓердани на себе, а мажите носат лакови и долги стрели. Организацијата Коапима (Coapima), која ги застапува домородните групи во Марањао, предупреди дека физичката состојба на дел од членовите, особено кај децата и постарите лица, покажува знаци на тешка исцрпеност и неухранетост.

Од Коапима нагласија дека непланираниот контакт носи сериозен здравствен ризик за изолираните заедници бидејќи тие немаат стекнат имунитет кон вообичаените заразни болести. Бразилската државна агенција за домородни прашања Фунаи (Funai) соопшти за агенцијата АФП дека нејзините технички тимови внимателно ја следат состојбата и ги анализираат сите достапни информации за здравјето на групата.

Директорката на Сурвајвал интернешнал, Керолајн Пирс, оцени дека одлуката на оваа група да излезе од изолација покажува како постојаните упади во шумите ги доведуваат во реална опасност домородните народи кои инаку самите се издржуваат. Таа посочи дека припадниците на племето Ава се потиснати на сè помал остров од амазонската прашума, опкружен со уништување.

На територијата Арарибоја со години дејствуваат и Чуварите на шумата (Forest Guardians), група составена од припадници на народот Гуажажара кои ја бранат земјата од нелегални упади. Тие предупредија дека климатските промени, пожарите, уништувањето на шумите и узурпацијата на земјиштето директно го загрозуваат опстанокот на племето Ава, додавајќи дека многу чувари ги загубиле животите обидувајќи се да ја заштитат заедничката територија.

Според податоците на Сурвајвал интернешнал, во 10 држави во светот се идентификувани околу 196 домородни народи и групи кои избираат да живеат во изолација. Повеќе од 90 проценти од овие заедници живеат во прашумите на Амазонија, првенствено во Бразил, додека останатите се наоѓаат во Индонезија и Индија.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?