Новата фаза на проектот „Еволуција на сонот“, под авторство и кураторство на Весела Моловска, со уметничка реализација на Калина Брајковска и покровителство на Општина Карпош, ја внесува современата уметност во секојдневниот урбан простор, трансформирајќи четири објекти во препознатлива визуелна целина.
Уметноста не мора да биде затворена во галерии, музеи и изложбени простори. Таа може да живее на фасадите, улиците и во секојдневните патеки по кои се движат луѓето. Токму од оваа идеја произлегува „ПОТАМУ, СОНОТ…“, новата уметничка интервенција во Општина Карпош, која четири објекти на паркингот кај ФИНКИ и Машинскиот факултет ги претвора во едно големо уметничко платно.
Проектот е четврто поглавје од платформата „Еволуција на сонот“, иницирана и развивана од Весела Моловска – дипломиран менаџер во култура, куратор и автор на мултидисциплинарни културни проекти. Главната уметничка реализација ѝ е доверена на македонската уметница Калина Брајковска, која создава авторски концепт развиен специјално за оваа локација, во дијалог со архитектурата, урбаното опкружување и луѓето што секојдневно го користат просторот.
Четирите објекти не се третирани како одделни површини, туку како делови од една поголема композиција, чијашто целина се открива од различни точки на околниот јавен простор. Особена вредност на проектот е и активното вклучување на заедницата. Калина Брајковска ги прифаќа и ги вградува идеите и учеството на луѓето во сопствениот уметнички израз, создавајќи дело што произлегува од непосредната комуникација со средината. Еден од ѕидовите, на пример, е замислен и реализиран како колективно дело, создадено врз основа на идеите на најмладите и студентите кои секојдневно ги користат овие простории. Така, тие не се само набљудувачи на уметничката интервенција, туку и нејзини активни учесници.
Изборот на локацијата има особена симболика. Близината на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Машинскиот факултет, како и секојдневното присуство на голем број студенти и млади луѓе, создаваат природна средба меѓу современата уметност, знаењето, технологијата и урбаниот живот. Уметничкото дело станува дел од нивното секојдневие, достапно за сите што минуваат низ овој простор.
Приказната на „Еволуција на сонот“ започнува во 2016 година, со трансформацијата на стара семејна куќа и нејзината градина во скопско Дебар Маало во привремен мултидисциплинарен уметнички простор, непосредно пред нивното уривање. Замислено околу темите на меморијата, трансформацијата и самоуништувањето, првото издание ги обедини уметниците околу идејата за создавање уметност свесна за сопствената минливост.
Во 2018 година, втората етапа ја прошири платформата преку меѓународна соработка и мултидисциплинарна програма, обединувајќи музичари и уметници од Македонија, Португалија, Шпанија и Ангола. Програмата донесе музички спој на мелосот од Бразил, Кабо Верде, Португалија и Македонија, во дијалог со визуелната и аудиовизуелната уметност.
Третото издание, во 2025 година, прерасна во тридневен фестивал со меѓународни и македонски уметници, музика, перформанси, визуелни и урбани интервенции, работилници и активности што активно ја вклучија локалната заедница.
Со „ПОТАМУ, СОНОТ…“, платформата продолжува да ја истражува можноста уметноста директно да го менува просторот во кој живееме, овојпат ставајќи го акцентот на јавната уметност како дел од колективната меморија и заедничкото урбано искуство.
Зад проектот стои Весела Моловска, која повеќе од 20 години има професионално искуство со проекти во Македонија, Шпанија, Португалија и Италија. Нејзината работа опфаќа визуелна и јавна уметност, музика, изведувачки уметности, културно наследство и мултидисциплинарни програми, со посебен акцент на меѓународната соработка, продукцијата и вклучувањето на заедницата. Меѓу позначајните проекти е и скопската реализација на глобалниот уметнички проект „Inside Out“ на францускиот уметник JR, во рамките на која беа обединети 134 македонски уметници и културни работници околу заедничка порака за видливоста и улогата на уметноста во општеството.
Проектот „ПОТАМУ, СОНОТ…“ се реализира со покровителство на Општина Карпош, во соработка со ФИНКИ и Машинскиот факултет.
Со оваа интервенција, Карпош добива ново визуелно обележје, а еден секојдневен урбан простор станува место на средба меѓу уметноста, архитектурата и заедницата.

