Движењето „Ниту една повеќе“ за денеска, 20 ноември, во 13 часот најави блокада на булеварот „Илинден“ пред зградата на Владата во Скопје. Со акцијата организаторите бараат одговорност од институциите за нивното постапување во случаите на насилство врз жените и правда за жртвите. Движењето повикува на граѓанска поддршка и ги повикува сите што ги поддржуваат барањата да се приклучат на блокадата.
„Доста беше од ветувања, молчење, молење и чекање. Бараме одговорност, бараме правда, бараме права!“, порача движењето во повикот за блокадата.
„Ниту една повеќе“ излезе на протест и на 8 ноември, кога побара институционална одговорност за насилството врз жените и фемицидите. Со денешната блокада движењето повторно го става во фокус прашањето како институциите постапуваат кога жена ќе пријави насилство и каква заштита добива по пријавата.
Повикот за блокада следува по нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид. Против нејзиниот партнер е поднесено обвинение за три кривични дела, а судот му одреди 30-дневен притвор.
Движењето најави и протест против фемицидите, насилството врз жените и институционалната неодговорност за среда, 25 ноември, во 17 часот, во паркот „Жена борец“ во Скопје.

