Цените на авионските билети за летовите внатре во Европа ќе останат претежно стабилни во 2027 година, а тарифите во бизнис-класата можат благо да се намалат, покажува новиот извештај на „Американ експрес глобал бизнис травел“ (Amex GBT). Според прогнозата „Ер монитор 2027“, билетите во економската класа на европските линии ќе поскапат меѓу 0,3 и 0,4 отсто.
Новите проекции доаѓаат по периодот во кој цените на авионското гориво значително се зголемија по нападот на САД и Израел врз Иран, што ги поттикна авиокомпаниите постепено да ги префрлаат трошоците врз патниците. Иако дел од раководителите во авиоиндустријата најавуваа рекорден скок на цените во Европа за 2027 година, анализата на компанијата за управување со деловни патувања укажува на умерено движење на тарифите на европскиот пазар.
Извештајот содржи долна и горна граница на прогнозата, при што пониското сценарио се заснова на претпоставката дека глобалната инфлација ќе остане во рамките на проектираната стапка на Меѓународниот монетарен фонд од 4,1 отсто за 2027 година. Во тие рамки, цените во премиум економската класа на летовите низ Европа би пораснале за 0,9 или 1,1 отсто. Кај бизнис-класата на европските рути се очекува пад на цените до 1,5 отсто или минимален раст од 0,3 отсто, што авторите на анализата го поврзуваат со послабиот економски раст на континентот.
За летовите од Европа кон другите светски региони предвидувањата покажуваат поизразени разлики според класата на патување. На линиите од Европа кон Азија цените во економската класа ќе пораснат за 0,3 или 0,4 отсто, премиум економската класа ќе остане непроменета или ќе поевтини за 0,1 отсто, додека бизнис-класата ќе поскапи меѓу 2,2 и 2,8 отсто.
Кон Северна Америка се очекува поскапување од 0,6 или 0,8 отсто во економската класа, од 1,5 до 1,9 отсто во премиум економската и од 3,4 до 4,3 отсто во бизнис-класата. За летовите од Европа кон Јужна Америка прогнозата предвидува раст од 1,8 или 2,3 отсто за економската класа, 0,6 или 0,8 отсто за премиум економската и 2 или 2,5 отсто за бизнис-класата. На рутите кон Африка цените во економската класа би пораснале за 0,6 или 0,8 отсто, а во бизнис-класата за 2,2 или 2,8 отсто.
Најголемо поевтинување во долното сценарио е предвидено за летовите од Европа кон Австралија, каде што економската класа би можела да поевтини за 3,9 отсто, додека горната граница предвидува раст од 1 отсто. Премиум економската класа на оваа релација би поскапела за 2,2 или 2,8 отсто, а бизнис-класата за 2,1 или 2,6 отсто. За Блискиот Исток се прогнозира зголемување од 1,4 или 1,8 отсто во економската, 1 или 1,3 отсто во премиум економската и 1,5 или 1,9 отсто во бизнис-класата.
Годишните прогнози на „Ер монитор 2027“ се изработени врз основа на сопствени податоци за трансакции на „Амекс ГБТ“, усогласени со економски варијабли како бруто-домашниот производ, инфлацијата, сезонските осцилации и капацитетите во авиоиндустријата.

