Белгија ја отвори најголемата фабрика за сателити во ЕУ

Белгискиот крал Филип вчера во јужниот град Шарлроа свечено ја отвори најголемата фабрика за сателити во Европската унија. Погонот на белгиската компанија „Аероспејслаб“ има годишен капацитет за производство до 500 сателити и ќе изработува летала за европската комуникациска мрежа ИРИС2, замислена како конкуренција на системот Старлинк на Илон Маск.

Новиот индустриски комплекс се простира на површина од околу 20.000 квадратни метри, а инвестицијата во изградбата и опремата изнесува околу 100 милиони евра. Со проектираниот максимален капацитет од 500 сателити годишно, објектот во Шарлроа станува најголем од ваков вид во Европската унија и трет по големина во светот.

Изградбата на мегафабриката почна во мај 2024 година, а објектот опфаќа околу 7.000 квадратни метри производствен простор и 4.000 квадратни метри специјализирани чисти простории за склопување и тестирање на сателитите под строго контролирани услови. Од компанијата информираа дека вработените и техничките тимови ќе се вселат во погонот во јануари в година, додека целосното сериско производство ќе се зголемува постепено и се очекува да достигне полн обем кон крајот на 2028 година. На почетокот во фабриката ќе работат околу 500 луѓе, а планот е бројот на вработени да порасне на над 1.000 до крајот на 2027 година.

Главен двигател за изградбата на капацитетот е договорот вреден 2,4 милијарди евра што „Аероспејслаб“ го доби во септември годинава. Според тој договор, белгискиот производител треба да изработи 264 од вкупно 348 сателити планирани за европската констелација ИРИС2.

Извршниот директор на „Аероспејслаб“, Беноа Депер, изјави дека компанијата растела побрзо од првичните планови. Тој истакна дека неговата фирма од мал стартап основан во 2018 година прераснала во голем индустриски проект кој денес придонесува за европската вселенска независност. Покрај отворањето на погонот, компанијата најави дека од 30 ноември ќе го промени своето име во „Ектро“.

Европската сателитска мрежа ИРИС2 претставува стратешки проект на Европската унија за обезбедување безбедни, отпорни и суверени комуникациски услуги во ниската Земјина орбита за владите, армијата, итните служби и европските граѓани, со цел да се намали зависноста од неевропски комерцијални оператори како Старлинк.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?