Сиљановска Давкова: Правото да предложам гувернер не подразбира право да го контролирам неговото работење

Сиљановска Давкова
Скриншот од ТВ пренос на собранискиот канал

На втората собраниска Надзорна расправа за АЛТА банка сведочеше претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Таа одговараше на прашања за изборот на Трајко Славевски за гувернер на Народната банка.

Пратеничката од коалицијата на СДСМ, Соња Мираковска од НСДП, ја повика претседателката да одговори дали Славевски е избран за гувернер поради притисок од премиерот Христијан Мицкоски. Мираковска истакна дека претседателката навела три критериуми – стручност и компетентност, достоинство и интегритет и реална можност за именување, што отвора дилема дали бил избран најквалитетниот кандидат или оној за кој се знаело дека ќе добие поддршка.

Сиљановска Давкова одговори дека изборот на Славевски е нејзин личен избор темелен на неговото знаење, искуство, стручност и компетентност. Претседателката нагласи дека правото да предложи гувернер не подразбира право да го контролира неговото работење и дека по именувањето гувернерот си ја врши работата согласно законот. Таа додаде дека сакала поранешната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска да добие уште еден мандат, бидејќи секогаш поддржувала жени на општествени функции.

Во врска со случајот со АЛТА банка, претседателката изјави дека шефот на државата нема законски надлежности во постапките за издавање или одземање банкарски дозволи, давање согласности, спроведување супервизија или воведување администрација во банка. Таа ги отфрли тврдењата за каква било поврзаност меѓу нејзиниот предлог за гувернер и влезот на банката во земјава, оценувајќи ги таквите наводи како бизарни и бесмислени.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, посочи дека една од суштинските цели на надзорната расправа треба да биде прецизното разграничување на надлежностите и одговорностите на институциите во државата. Тој потсети на членот 60 од Уставот и членот 5 од Законот за Народната банка кои ја гарантираат самостојноста и независноста на централната банка.

На расправата зборуваше и пратеникот Оливер Спасовски кој истакна дека никој не може да се однесува како тутор над Собранието. Претседателката пак порача дека добила 560.000 гласови и дека дошла од почит кон институцијата, додавајќи дека е имуна на притисоци.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?