Мрежата за заштита од дискриминација започна серија јавни објави под називот „Ѕид на срамот“, насочени кон носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството врз жените. Прв на листата е претседателот на Собранието, Африм Гаши, од кого организацијата бара одговори зошто измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство три месеци не се ставени на дневен ред, додека во 2026 година се регистрирани седум фемициди.
Од Мрежата за заштита од дискриминација посочуваат дека акцијата е инспирирана од „ѕидот на срамот“ на кој се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во наредните денови организацијата ќе упатува јавни прашања до носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството и заштитата на жените.
Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство биле поднесени во Собранието на 26 август 2026 година по итна, односно скратена постапка. Три месеци по поднесувањето, тие сè уште не се ставени на дневен ред на пленарна седница.
Од граѓанската организација ги споредуваат овие рокови со постапувањето на Собранието во април 2025 година. Тогаш, според нивната објава, без дебата и без вклучување на стручната јавност, од образовните закони била избришана заштитата од насилство и дискриминација.
„Зошто за уназадување на правата има итност, а за заштита на животите на жените – нема? Кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред? Кога ќе бидат усвоени заклучоците од надзорната расправа?“, прашуваат од Мрежата за заштита од дискриминација во објавата упатена до собранискиот претседател Гаши.
Покрај законските измени, во застој се и заклучоците од јавната надзорна расправа за заштита на жените од насилство, која Собранието ја одржа во април 2026 година по случајот во кој згаснаа животите на Ивана и Катја. До ноември 2026 година, седум месеци по одржувањето на расправата, Собранието сè уште нема усвоено заклучоци со конкретни мерки, рокови и институционални одговорности.
Според податоците што ги објави организацијата, Македонија е трета држава во Европа по стапката на фемициди, а во текот на 2026 година се убиени седум жени.
Во својата објава, Мрежата за заштита од дискриминација го прозва претседателот на Собранието и за влијанието врз парламентарната агенда, повикувајќи се на Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година. Во тој документ се констатира дека нема значаен напредок во родовата еднаквост, при што антиродовите наративи се посочени како една од трите причини за таквата состојба.
„Претседателе Гаши, чии интереси штитите – на граѓаните или на антиродовите движења и екстремистичките религиозни групи кои дејствуваат во Македонија спротивно на демократските и европски вредности?“, стои во објавата на Мрежата, од каде бараат јавни одговори, конкретни мерки и политичка одговорност.

