Менаџментот на ТИТАН Усје и претставниците на синдикатите договорија дополнително зајакнување на соработката за континуирано унапредување на работничките права и условите за работа. Фокусот на средбата беше ставен врз економската сигурност на вработените, стандардите за безбедност и здравје, како и прилагодувањето кон дигитализацијата и технолошките промени.
На средбата учествуваа генералниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаоу, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски, и претседателот на Синдикатот на ТИТАН Усје, Горан Јанковски. Тие ја потврдија заедничката заложба за отворен и конструктивен социјален дијалог.
Раководството на компанијата ги презентираше политиките и мерките што ги спроведува за унапредување на правата и економската стабилност на вработените преку соодветни надоместоци и дополнителни придобивки. Посебно внимание беше посветено на стандардите за безбедност и здравје при работа, кои континуирано се надградуваат.
Менаџментот ги запозна синдикалните претставници и со инвестициите во модернизација на производствените процеси. Овие вложувања се насочени кон подобрување на работните услови, развој на нови компетенции кај кадарот и долгорочна одржливост на работните места.
Трендафилов и Пешевски изразија задоволство од досегашната соработка со менаџментот и со фабричкиот синдикат, посочувајќи го отворениот дијалог како основа за унапредување на работничките права. Претставниците на синдикатите ја посочија важноста на социјалниот дијалог и во контекст на глобалните технолошки промени, дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција, кои носат нови предизвици за пазарот на трудот.
Претседателот на Синдикатот на ТИТАН Усје, Горан Јанковски, рече дека на вработените им се овозможуваат континуирани обуки за професионален развој, безбедност и здравје при работа и стекнување нови вештини. Тој ја истакна и грижата на компанијата за добросостојбата на вработените и нивните семејства.
Според податоците на компанијата, ТИТАН Усје обезбедува 249 директни и околу 6.700 индиректни работни места преку своите добавувачи, клиенти и пошироката економска активност, што претставува приближно еден отсто од вкупната вработеност во земјата. Учесниците на средбата се согласија дека партнерскиот однос меѓу работодавачот и синдикатите е основа за одржување безбедна, стимулативна и стабилна работна средина.

