Повеќе од 26.000 граѓани треба да добијат назад над 140 милиони денари, односно над 2,2 милиони евра, незаконски наплатени при користење брзи кредити. Контролите ги опфатиле сите 27 лиценцирани финансиски друштва, а кај 18 биле утврдени нечесни трговски практики и спорни договорни одредби.
Еден од утврдените проблеми е наплатувањето дополнителни трошоци токму кога клиентите доцнеле со отплатата. Кај 12 друштва инспекторите откриле дека им наплатувале доставување известувања и опомени за доспеаните обврски, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, соопшти дека се донесени решенија со наредба за враќање на незаконски наплатените средства. Друштвата имаат рокови од 30, 60 или 90 дена, зависно од бројот на опфатени потрошувачи.
По истекот на роковите, инспекторите ќе спроведат контролни надзори за да утврдат дали парите навистина им се вратени на граѓаните.
Проверките траеле три месеци, но ја опфатиле документацијата за периодот од 2023 до 2026 година. Освен наплатата на опомени и паушални надоместоци за доцнење, биле проверувани и условите во договорите за потрошувачки кредити.
За утврдените нечесни практики кај 18 друштва се издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари. Казните се одделни од обврската за враќање на парите на клиентите.
Имињата на друштвата не беа објавени. Стојкоски тоа го образложи со последователните инспекциски надзори и постапките што сè уште се во тек.
Обврската за поврат ја соопштија Стојкоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и владината портпаролка Марија Митева на денешната заедничка прес-конференција.

