Онлајн трговецот со облека Shein се согласи да плати 100 милиони долари во рамките на спогодба со американската Федерална трговска комисија (ФТЦ). Комисијата го обвини дека ги доведувал купувачите во заблуда за роковите за испорака, рецензиите и потеклото на памукот во дел од производите. Парите се наменети за обесштетување на купувачите, а предложената спогодба треба да ја одобри федерален суд во Калифорнија.
Според Комисијата, Shein рекламирал брза испорака иако знаел дека дел од пратките доцнеле со денови или месеци, а некои воопшто не стигнале. Регулаторот тврди и дека компанијата го отежнувала пристапот до корисничката поддршка и го спречувала објавувањето негативни рецензии.
Во пријавата се наведува дека дел од памукот што Shein го претставувал како одгледан во САД потекнувал од Кина. За памукот во дел од производите, според ФТЦ, земјата на потекло воопшто не можела да се утврди.
Од Shein соопштија дека со спогодбата компанијата не признава одговорност и дека оспорува дел од наводите на Комисијата. Компанијата се обврза да ги подобри постапките за заштита на купувачите.

