Граѓаните на Црна Гора со обични пасоши повеќе нема да можат да патуваат во Турција според досегашниот безвизен режим. Анкара ја суспендираше примената на делот од билатералниот договор што го овозможуваше тоа, неполн месец откако Подгорица воведе визи за турските државјани.
Одлуката ја потпиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а објавена е на 27 ноември во турскиот Службен весник. Се однесува на носителите на обични црногорски пасоши.
Договорот за меѓусебно укинување на визите бил потпишан на 18 јануари 2008 година. Со најновата одлука се суспендира неговата примена за оваа категорија патници.
Црна Гора од 1 ноември воведе визни обврски за државјаните на Турција, Русија, Белорусија, Кина и Саудиска Арабија. Владата во Подгорица ја донесе уредбата во јули, образложувајќи дека ја усогласува визната политика со Европската Унија.
Усогласувањето е дел од обврските во пристапните преговори, вклучително и поглавјето 24, кое ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста.
Црногорските правила предвидуваат и исклучоци. Носителите на одредени важечки странски визи или дозволи за престој можат да влезат во земјата без посебна црногорска виза, под пропишаните услови.
Подгорица и во октомври 2025 година привремено воведе визи за турските државјани. Во декември истата година повторно овозможи безвизен влез, но го скрати дозволениот престој од 90 на 30 дена. Тој режим важеше до крајот на октомври годинава, кога започна примената на новите правила поврзани со европското усогласување.

