Што ако сте болни и по петтиот ден, а нема слободен термин за специјалист?

Од 1 декември се менуваат правилата за отворање и продолжување на боледувањето. Иако Фондот за здравствено осигурување уверува дека правото на боледување не се скратува, новите медицински критериуми отвораат прашање дали пациентите ќе можат навреме да ја обезбедат потребната документација во здравствениот систем.

Наместо досегашните седум дена, матичните лекари од вторник ќе можат да одобруваат боледување до пет дена врз основа на сопствената медицинска процена, без примена на дополнителните критериуми за конкретната дијагноза.

Тоа не значи дека пациентот задолжително ќе мора да се врати на работа на шестиот ден, туку дека за продолжување на боледувањето ќе треба да бидат исполнети медицинските критериуми предвидени за неговото заболување.

Во одредени случаи тоа ќе подразбира лабораториски анализи, дијагностички испитувања или специјалистички извештаи.

Но, дали здравствениот систем може да обезбеди навремени прегледи за сите пациенти на кои ќе им бидат потребни?

Болеста не завршува според административен календар

Еден од потенцијалните проблеми при примената на новиот правилник е достапноста на специјалистичките прегледи.

Пациентот може да има медицински оправдана потреба од продолжување на боледувањето, но истовремено да не може да обезбеди слободен термин кај специјалист во потребниот рок.

Како решение за ваквите ситуации се предвидува можноста за издавање приоритетен упат кога за тоа постои медицинска оправданост.

Сепак, останува прашањето како ќе функционира оваа можност во практиката и дали здравствените установи располагаат со доволно капацитети.

Доколку пациентот не може навреме да ја обезбеди потребната документација поради недостиг од термини, кој ќе ја понесе одговорноста – пациентот, матичниот лекар или здравствената установа?

Што точно се менува од 1 декември?

Новиот правилник беше усвоен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на 6 октомври, а објавен во „Службен весник“ број 254 од 30 октомври 2026 година.

Времетраење на боледувањетоПостапка од 1 декември
До 5 денаПроцена на матичниот лекар
Од 6 до 15 денаМатичен лекар, со исполнети медицински критериуми за конкретната дијагноза
Над 15 денаОдлучува лекарска комисија на ФЗО
Над 60 денаПо правило, конзилијарно мислење од тројца специјалисти или супспецијалисти, со предвидени исклучоци

Надлежноста на матичниот лекар да одобрува боледување до 15 дена останува непроменета. Се менуваат условите под кои тоа ќе може да го направи.

Ако повторно се разболите во рок од 30 дена, ќе одлучува комисија

Една од одредбите на која граѓаните треба да обрнат особено внимание се однесува на повторното отворање боледување.

Доколку во рок од 30 дена по затворањето на боледувањето повторно се појави потреба од отсуство поради иста или сродна дијагноза од истата група, матичниот лекар ќе треба да достави предлог до надлежната лекарска комисија.

Ова е особено значајно за пациентите кај кои заболувањата се повторуваат или здравствената состојба привремено се подобрува, а потоа повторно се влошува.

Олеснувања за хронично болните, бремените и неподвижните пациенти

Новиот правилник не предвидува само дополнителни медицински критериуми, туку и низа административни олеснувања.

Кај хронично болните ќе може да се користат претходни дијагностички наоди доколку сè уште се важечки, без задолжително повторување на истите испитувања.

Се проширува и можноста за одобрување боледување без физичко присуство на пациентот, особено за неподвижни, тешко подвижни и хоспитализирани лица.

Посебни олеснувања се предвидени за бремените жени и доилките во однос на дијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење.

Кај одредени тешки заболувања ќе има исклучоци од обврската за обезбедување конзилијарно мислење за боледување подолго од 60 дена.

Дополнително, предлозите за продолжување на боледувањето над 15 дена матичните лекари ќе ги доставуваат до комисиите по електронски пат.

Пациентите имаат право на приговор

Доколку осигуреникот не е задоволен од медицинската оцена на матичниот лекар, има право на приговор до првостепената лекарска комисија. Право на приговор постои и против оцената на првостепената комисија, пред второстепената комисија.

Ќе се намалат злоупотребите или ќе се зголеми притисокот врз здравствениот систем?

Од Фондот посочуваат дека значителен дел од досегашните медицински критериуми потекнуваат од 2012 година и дека нивното осовременување е неопходно.

Но, успешноста на новите правила ќе зависи и од достапноста на здравствените услуги.

Доколку поголем број пациенти бидат упатувани на специјалистички прегледи за продолжување на боледувањето, тоа може да создаде дополнителен притисок врз здравствените установи, но и дополнителни трошоци за пациентите кои, поради недостиг од термини, би се обратиле во приватното здравство.

Правото на боледување не треба да зависи од тоа дали пациентот има пари за приватен преглед или дали успеал да најде слободен термин преку „Мој термин“.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?