Снежните врнежи утрово, 28 ноември, предизвикуваат отежнат сообраќај во делови од Балканот. Снег има во Србија и Хрватска, а надлежните служби предупредуваат на лизгави коловози, голомразица и ограничувања во сообраќајот. На одредени патни правци веќе се воведени забрани за движење на товарни возила.
До пет сантиметри снег на коловозите во Србија
Според утринскиот извештај на „Патишта на Србија“, снег има на патиштата во околината на Сјеница, Нови Пазар, Ваљево, Ужице, Чачак и Крушевац.
На одредени делници снежната покривка на коловозите достигнува до пет сантиметри.
Патиштата кон зимските туристички центри засега се проодни, но на одредени делници во подрачјето на Ваљево и Шабац се воведени забрани за товарни возила.
Метеоролозите предупредуваат и на силен ветер и создавање снежни наноси во југозападна, јужна и источна Србија.
Голомразица и силен ветер во Хрватска
Според извештајот на Хрватскиот автоклуб од 9:11 часот, снег или дожд помешан со снег паѓа во Горски Котар, Лика, Славонија, како и во централните и северозападните делови на Хрватска.
Коловозите се влажни и лизгави, а поради ниските температури постои опасност од голомразица, особено на мостовите и надвозниците.
Дополнителни проблеми создава силниот ветер во крајбрежните подрачја, поради што се воведени ограничувања за одредени категории возила. Снежни врнежи во Горски Котар и Лика се можни и во недела.
Бугарија: Црвен метеоаларм, се очекуваат над 30 сантиметри снег
Во Бугарија е издадено предупредување од највисок степен за обилни врнежи од дожд кои ќе преминуваат во снег. Во делови од Предбалканот се очекува снежна покривка повисока од 30 сантиметри.
На планинскиот превој Петрохан утрово веќе врне снег, а температурата е минус два степена.
Бугарската агенција за патна инфраструктура најави дека по 14 часот може привремено да го запре сообраќајот на делници каде што снежната покривка ќе надмине 15 сантиметри, за да се овозможи чистење на патиштата.
Снег на планинските превои во Босна
Снег има на планинскиот превој Ланиште, на патот меѓу Босански Петровац и Клуч, како и на магистралниот пат Гламоч – Млиништа.
Густата магла го отежнува сообраќајот на превојот Ростово, а надлежните предупредуваат и на опасност од одрони на повеќе магистрални патишта.
Во Црна Гора, пак, утрово коловозите се претежно влажни и лизгави, со опасност од одрони во клисурите.
Не тргнувајте на пат без зимска опрема
Македонските граѓани кои планираат патување низ регионот викендов треба задолжително да ја проверат состојбата на патиштата пред поаѓање.
Покрај соодветната зимска опрема, се препорачува возачите да имаат доволно гориво, топла облека, вода и храна во автомобилот, особено доколку патуваат низ планински предели.
Сообраќајните служби во регионот апелираат на намалена брзина, поголемо растојание меѓу возилата и избегнување нагло сопирање.
Во Македонија обврската за поседување зимска опрема е во сила од 15 ноември до 15 март.

