Околу три четвртини од жителите на Словенија имаат залихи од храна и пијалоци за три дена дома во случај на вонредна состојба, покажаа резултатите од анкетата на Националниот институт за јавно здравје на Словенија (NIJZ).
1.502 возрасни лица на возраст меѓу 18 и 74 години учествуваа во онлајн анкетата, спроведена во септември како дел од истражувањето SI-PANDA, објави денес RTV SLO.
Резултатите покажаа дека девет од 10 испитаници имаат фенерче или свеќи дома, како и комплет за прва помош.
Околу 61 процент од испитаниците имаат залихи од заштитни маски, средства за дезинфекција или сапун, додека 42 проценти имаат копии од најважните документи или пристап до нивните дигитални верзии.
Радио на батерии поседуваат 41 процент од испитаниците.
Сепак, помалку од 40 проценти од населението има залихи од вода за готвење и лична хигиена за три дена, односно најмалку три литри по лице дневно.
Околу 20 проценти од испитаниците имаат план за евакуација, додека само 15 проценти се договориле со семејството и пријателите за тоа како да се поврзат едни со други во случај на несреќа или вонредна состојба.
Само околу 10 проценти имаат подготвена торба или ранец со најпотребните работи за брзо да го напуштат домот.
Анкетата, исто така, покажа дека жителите на руралните средини се генерално подобро подготвени за вонредни ситуации од оние во градовите.
Исклучок се копиите од најважните документи, кои се почести кај жителите на урбаните средини.
NIJZ потсети дека во последниве години, Словенија се соочила со бури, поплави и други катастрофи кои влијаеле на секојдневниот живот на населението, но дека вонредните ситуации можат да се појават и поради социјални и технолошки настани.
Институтот ја нагласи важноста на планирањето, меѓусебната помош и подготовката на основни залихи, особено во случај на привремени прекини во снабдувањето со вода, електрична енергија, греење или храна.
Европската комисија неодамна објави упатства за зајакнување на подготвеноста на населението, во кои, меѓу другото, се препорачува поединците и домаќинствата да бидат самоодржливи најмалку 72 часа во случај на прекин во снабдувањето или функционирањето на јавните услуги.
Меѓу препораките е и подготовка на торба или ранец со најпотребните работи во случај на итна евакуација.

