Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага за обид за убиство против 52-годишниот М.М. од гостиварското село Топлица, осомничен дека брутално ја претепал својата 42-годишна сопруга, која со сериозни повреди е хоспитализирана на скопските клиники.
Обвинителството побара определување мерка притвор, оценувајќи дека постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоците, но и да го доврши започнатото кривично дело.
Обвинителството се сомнева дека имал намера да ја убие
Според наодите на Обвинителството, осомничениот со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга. За време на расправија во семејниот дом, тој употребил физичка сила и остар предмет, нанесувајќи ѝ повеќекратни повреди на главата, лицето и телото.
Жената се здобила со убодни рани, четири скршени ребра, крварење во главата и сериозни повреди на градниот кош, по што изгубила свест.
Насилството во полиција го пријавил таткото на осомничениот. Кога полициските службеници пристигнале во семејниот дом, ја пронашле жената во бесознание.
Таа е задржана на интензивно лекување на КАРИЛ во Скопје.
Од Бардовци во притвор?
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека осомничениот е лице со нарушено ментално здравје и дека по приведувањето бил спроведен во Психијатриската болница во Бардовци.
При полициската интервенција тој давал отпор и физички ги нападнал полициските службеници, при што повредил еден од нив.
Со отворањето на истрагата за обид за убиство и барањето за притвор, случајот добива нова правна димензија.
Засега нема информации дали ќе биде спроведено психијатриско вештачење со кое ќе се утврди пресметливоста на осомничениот во моментот на извршување на делото.
Самото постоење на нарушено ментално здравје не значи автоматски и исклучување на кривичната одговорност. Тоа е прашање што се утврдува во соодветна судска постапка, врз основа на стручно вештачење.
За барањето на Обвинителството за определување притвор треба да одлучи судот.

