Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВМРО-ДПМНЕ за своето главно ветување од изборите во 2016 година, рудникот Иловица, го нападна СДСМ

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

ВМРО-ДПМНЕ започна да го критикува својот најголем предизборен адут од 2016-тата година, а сега прстот го вперува кон СДСМ, кои пак го стопираа проектот откако ја преземаа власта. Владата на ВМРО-ДПМНЕ пред седум години како сериозна и голема инвестиција го најавуваше рудникот во Иловица. Носителот на партиската листа во четвртата изборна единица, Никола Груевски, во ноември 2016-тата година пред жителите на Босилово истакна дека рудниците, меѓу кои и Иловица, ќе отворат многу работни места за локалното население. Конкретно за Иловица, Груевски рече дека ќе има 500 нови вработувања само во почетната фаза од проектот.

-Повеќе од десет нови рудници ќе бидат отворени или ќе бидат вршени детални истражувања, по што ќе почне со ископ. Односно, или некои ќе се отворат, што се во понапредна фаза, или за некои ќе започнат истражувањата и ќе започнат работите, коишто можеби не во овој мандат, но во следниот ќе се отворат. Очекувањата се дека ќе донесат над 2200 директни вработувања, плус индиректни. Во југоисточниот дел на Македонија, освен рудникот Иловица и рудникот за бакар Казандол од Валандово, рудникот за злато, сребро и бакар Боров дол во Конче, ќе има и други, а само овие ќе отворат многу работни места, кажа поранешниот премиер Никола Груевски на партиски собир во Босилово.

Покрај Груевски, отворањето на рудникот во Иловица жестоко го бранеше и тогашниот технички премиер од истата партија, Емил Димитриев. За очекувањата од рудникот, на собраниска седница посветена на пратенички прашања на техничиот премиер му беше поставено прашање од страна на сегашниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Димитриев одговори дека новиот рудник во Иловица е сериозна инвестиција, која ќе биде голем плус за економијата.

-Се работи за исклучително квалитетен инвеститор кој во изминатиов период многу вложи во делот на истрагите на реонот во општина Босилово. Од неодамна е донесена одлука за отворање на овој рудник, кој претставува една од најголемите инвестиции во Југоисточна Европа во оваа дејност. Ќе се вложат 500 милиони евра за подготовка и старт на новиот рудник, рече тогашниот премиер Емил Димитриев од собраниската говорница.

Тој уште дополни дека инвестицијата е во согласност со регулативата за животната средина и ќе значи огромен препород за Република Македонија на планот на извозот, на севкупното економско работење и на ангажирање нова работна сила. Димитриев дури и ја поздрави одлуката на инвеститорот, зад која стои Европската банка за обнова и развој.

Проектот потоа беше стопиран од страна на Владата на СДСМ, но темата за рудникот сега повторно се актуелизира откако Управниот суд пресуди во полза на инвеститорот. Ваквиот тек на настаните го искористи поранешниот советник за енергетика на Груевски и сегашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој сега обвинува и повикува да не се усвои одлука за спојување на концесиите на инвеститорот во Иловица, иако концесиите беа издадени во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Реагираше и премиерот Димитар Ковачевски.

-Концесиите за рудникот Иловица се дадени во 2012 и 2013 година од страна на Влада на ВМРО – ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски и негов советник Христијан Мицкоски којшто сега е претседател на ВМРО – ДПМНЕ. Тие рудници Иловица се во изборната програма исто така на ВМРО – ДПМНЕ и за изборите во 2016 година и општините во тоа време раководени од градоначалници избрани од ВМРО – ДПМНЕ, Општина Босилово и Општина Ново Село носат одлуки за отворање на рудник Иловица за бакар и злато. Во тоа време не постоеше можност во јавноста, во медиумите да се отвори дискусија, бидејќи во тоа време Груевски и неговите советници ги редеа вестите па никој не можеше да праша за било каква тема која не беше во согласност со програмата на ВМРО – ДПМНЕ и одлуките кои Владата ги носеше, изјави Ковачевски.

Премиерот појасни дека новиот тек на настаните произлегол од одлуки донесени уште во времето на ВМРО – ДПМНЕ, заради кои, како што оцени, државата е сега ставена во судски лавиринти.

-Се работи за голем број на судски одлуки од кои дел се во корист на странскиот инвеститор коишто ги има во тоа време добиено концесиите, потенцира Ковачевски.

Тој повтори дека став на Владата и на СДСМ е дека ако жителите на Струмица, Ново Село, Василево и Босилово се против отворање на рудници, тогаш рудници нема да има.

Најново