Од денеска е пуштен во употреба концептот оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане со Република Албанија. Со овој концепт, според премиерот Димитар Ковачевски, се овозможува побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите кои транспортираат производи на овој граничен премин.
Тој денеска во своето обраќање на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане потенцираше дека на овој начин се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз и кон трговија со други држави, а се овозможува и полесен пристап до пристаништата и до туристичките места во Албанија.
-Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските, комуникација помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето меѓу луѓето, нешто што цели половина век недостасуваше меѓу Албанија и тогашна Македонија, но сега претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави, рече Ковачевски.