Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Националистички наративи: Наместо како херои, Ромите на Карпалак загинаа за да „купат коњи“

Стереотипите и предрасудите за Ромите сè уште се живи во македонските медиуми. Еден од тие примери е и случајот со „бездомни Роми го запалија мостот кај Ист Гејт“.

ДЕХРАН МУРАТОВ

Дел од македонските медиуми објавија „вест“ дека кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје помеѓу десетте загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година, се и Ердован Шабаноски и Веби Рушитоски. Меѓутоа, за разлика од загинатите Македонци кои животот херојски го дадоа за Македонија, двајцата Роми од Прилеп всушност животот го дадоа за да „купат коњи и да влечкаат дрва од планините“.

Нема автор(и) на оваа „срцепарателна“ – во основа – националистичка констатација, дека Ердован и Веби животот не го дадоа за државата, туку за да си купат коњи! Оваа „вест“ е објавена лани, но некои медиуми ја преобјавија и оваа година.

„Ердован, заедно со зета си Веби Рушитоски одлучиле да се пријават на мобилизацијата. Со парите сакале да купат коњи и да почнат да работат во шумското, да влечкаат огревно дрво по планината и така да си обезбедат егзистенција“, стои во објавата на повеќе македонски медиуми.

Стереотипите и предрасудите за Ромите сè уште се живи во македонските медиуми

На 16 мај, на сајтот на ТВ Телма е објавена вест со наслов: „Бездомни Роми го запалиле мостот кај Ист Гејт?“ и покрај тоа што во тој момент немаше официјален податок кој го предизвика пожарот.

Оваа вест е коригирана од ТВ Телма и ако денес се побара на нивниот сајт или на гугл пребарувачот ќе се најде вест со наслов: „Група бездомници го запалиле мостот кај Ист Гејт?“. Меѓутоа и покрај корекциите, сепак, пермалинкот остана со првичниот наслов.

Речиси по три месеци, истрагата е во тек и не е откриено од што се запали мостот „Беласица“.

Сè додека во медиумите постојат стереотипи и предрасуди дека Ромите „живеат под мост“, „крадат дрва“, „купуваат и малтретираат коњи“, ќе имаме говор на омраза. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен