Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Спасовски: Имаме исклучителен скок на Глобалниот индекс за мир, од 94. место во 2016 на 38. место во 2023 година

Земјава е меѓу првите 40 од вкупно 163 рангирани на листата на Глобалниот индекс за мир 2023 и има исклучителен скок од 94. место во 2016 на 38. место во 2023 година, посочува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук.

-Во изминативе шест години, откако го преземав раководењето со МВР, тргнувајќи од премисата дека нужното менување на МВР мора да биде втемелено на реални проценки, капацитети и можности, посветено работевме на спроведување на квалитетни реформи со цел да ги поттикнеме и поддржиме севкупните промени на безбедносниот сектор во државата. И, конечно воспоставивме норми и утврдивме концепт „МВР за граѓаните” коишто гарантираат заштита на човековите права и слободи, а истовремено се и силна брана против злоупотребата и незаконитото работење, напиша Спасовски на својот фејсбук профил.

Тој чекор, вели во објавата, го направивме без нималку колебливост, со цврста решеност да се етаблираат принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на општеството и како гарант за развојот на правната држава.

-Со низа суштествени, реформски и програмски зафати во рамки на Министерството за внатрешни работи што ги реализиравме изминативе години – подобрени услови за работа со 80 реконструирани објекти, покачени плати и исплатени бонус плати, опремена полиција во служба на поголема безбедност на граѓаните – бездруго заземаат значајно место во напорите за квалитативно унапредување на модерното полициско работење, а во насока на гарантирање на врвна безбедноста на сите наши граѓани, прецизира Спасовски во објавата на Фејсбук.

На врвот на листата на најбезбедни земји во светот е Исланд, следуваат Данска и Ирска, покажува најновата листа на Глобалниот индекс на мирот направена од Институтот за економија и мир.

Исланд се смета за најбезбедна земја за туристи кои летуваат, бидејќи е оценет како политички стабилен и има ниска стапка на криминал.

На листата од 163 земји, меѓу првите 10 се уште и Нов Зеланд, Австрија, Сингапур, Португалија, Словенија, Јапонија и Швајцарија.

Северна Македонија е на 38. место, трета во регионот, зад најдобро позиционираната Словенија (8), и Хрватска (14). Зад нас во регионот се Албанија (40), Црна Гора (45), Босна и Херцеговина (61) и Србија (65), додека Косово е на 70 место.

Соединетите Американски Држави се на 131 место, Велика Британија е на 37 место, Германија е на 15 место.

Како најмалку безбедни се означени Авганистан (163), Јемен (162), Сирија (161), но и Русија (158) и Украина (157). Во извештајот се наведува дека просечното ниво на мир во светот е влошено за 0,42 отсто, што е деветта година по ред како глобалниот мир се влошува. Се додава дека минатата година 84 земји забележале подобрување, додека 79 земји забележале влошување на мирот.

Конфликтите во Украина беа идентификувани како главни причини за влошување на мирот, иако интензитетот на конфликтите растеше ширум светот уште претходно.

Извештајот претставува најсеопфатна анализа направена врз основа на досегашните податоци за трендовите во мир, неговата економска вредност и начинот на развој на мирни општества. Во подготовката на извештајот се земени предвид 23 квалитативни и квантитативни показатели, меѓу кои се перцепцијата на криминалитетот, стапката на убиства, насилните демонстрации, политичката нестабилност, увозот и извозот на оружје, влијанието на тероризмот, можноста за нуклеарно и тешко оружје и слично.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново