Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Протести во Скопје за случајот со онкологија

Граѓани ќе протестираат во Скопје поради случајот со Клиниката за онкологија. Како што е соопштено, протестот ќе почне од 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.

– Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија, кои со месеци во живото – загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години, пишува во објавата на Фејсбук и во соопштението испратено до медиуми.

Како што додаваат организаторите на протестот, се бара одговорност од некогашните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали, актуелниот министер Фатмир Меџити, од замениците Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова и актуелната, Рената Младеновска, како и од поранешниот организационен директор на Клиниката, Нехат Нухи.

Врз основа на судска наредба, минатиот петок беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, што ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Како што информираа од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови, поврзани со работата на Клиниката.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе бидат санкционирани сите оние, кои го прекршиле законот, но, не смее да се напаѓаат сите здравствени работници.

– Се работи за наводи што се грозни и што не смеат да се случуваат, а за наводи што сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население, подвлече премиерот.

Задачата на МВР и на Обвинителството, како што рече, е обезбедување докази врз основа на што ќе бидат идентификувани сторителите.

-Од страна на претседателот на Владата и од Владата, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Бидејќи, се работи за навистина грозни наводи што се предмет на истрагата на МВР и на Обвинителството. Исто така гледам по медиумите, посебно социјалните медиуми, дека се сака да се креира слика за вмешаност на само одредени лица, зависно од нивната припадност. Она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, дециден беше Ковачевски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак побараа наместо да се релативизира случајот, премиерот да прифати одговорност, затоа што тоа кое што се случувало во Клиниката за онкологија во голем дел се случувало во време кога негови министри раководеле со секторот и кога биле именувани во институцијата директори кои се резултат на неговиот коалициски пазар.

-Оваа власт да беше Европа, како што не се, денес ќе беа депонирани оставки, вклучително и неговата, наведуваат од опозициската партија.

Зачлени се на нашиот е-билтен