Производите што ќе поевтинат за 10 проценти и што ќе бидат опфатени со владината одлука што се очекува да биде донесена утре, во маркетите ќе бидат со означени цени, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Откако се направени сите анализи и дискусии со стопанските коморите и сите чинители во трговијата излезе идеја да се обележат цените кои ќе бидат намалени од среда. Затоа Министерството за економија, постапувајќи согласно со Законот за трговија, ќе ја дополни одлуката во делот на вршење на трговијата и со одбележување на сите производи кои утре најверојатно ќе бидат наведени на седница на Владата со намалување на цената, која ќе биде минус 10 проценти од изложените цени на 1 август во синџирите на маркетите, рече денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Ова, појасни министерот, значи дека секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе има можност да види ознака каде ќе биде наведена гарантирана цена и ќе се знае дека со цените што ќе бидат означени со оваа ознака нема да може да има нагорно зголемување до 30 ноември. Исто така, посочи, е и поттик до сите чинители во секторот Трговија, но и производителите на прехранбени производи до среда до Министерството за економија доброволно да се пријават ако не се влезени во одлуката за да имаат ваква ознака и да ги намалат дополнително цените. Тоа може да го направат субјектите и од другите сектори заради тоа што, според Бектеши, има интерес од одредени компании во ова кризно време да станат поопштествено одговрони и да излезат во пресрет на граѓаните.
Како што информира Бектеши, листата со производи за кои ќе има замрзнување на цените е веќе завршена и ќе биде доставена утре на седница на Владата. Ќе има обврски и за трговците на мало и за трговците на големо, како и за домашните производители.
Тој најави дека задутре ќе почнат засилени контроли од Државниот пазарен инспекторат, а ќе бидат вклучени и членови на Владата во делот на надзорот како се спроведуваат контролите.