Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промоција на „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ – разговори на Владимир Јанковски со Влада Урошевиќ

Книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски утревечер ќе биде промовирана во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 19.30 часот.

Промоторка на изданието ќе биде писателката и книжевната критичарка Оливера Ќорвезироска, а на промоцијата ќе се обратат и Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски.

Како што соопшти Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ е книга во која преку прашањата што Јанковски му ги поставува, Урошевиќ нуди еден вид авторефлексија за сопственото творештво, за некои аспекти од сопствениот живот, за феномените од македонската литература и, воопшто, култура. Урошевиќ ги дава своите перспективи за широк спектар културолошки појави, од францускиот надреализам, фантастиката во литературата и сликарството, источните филозофии и култури, односот меѓу книжевната критика, историја и помнењето во литературата, преклопувањата и дијалозите меѓу навидум оддалечените култури, влијанието на имагинарното во секојдневниот живот, значењето на археологијата во обликувањето на свеста за нашата цивилизација итн.

– Бидејќи ова пред сè е книга за еден живот и за еден животен пат, сите споменати културолошки аспекти на еден посебен начин се „прекршени“ преку личноста и делото на Урошевиќ, преку неговата гледна точка и животен пат, наведува издавачот. 

Според Оливера Ќорвезироска, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ претставува „вистинска посластица“, особено за познавачите на творештвото на Урошевиќ. Во неа на единствен начин, барем во домашната книжевност, се поврзани стварноста и фикцијата, животот и книгите на Урошевиќ; таа е засведочена панорама, прелет над македонската книжевност последните повеќе од шест децении, но и еден вид широк, раскошен портрет на Урошевиќ како еден од нашите најзначајни автори.

Зачлени се на нашиот е-билтен