По успешните концерти во „Коларац“ во Белград и Македонската филхармонија во Скопје, патувачкиот омнибус на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ и светски познатата виолинистка Ирина Мурезану го најавуваат следниот концертен спектакл – овој пат пред публиката во Нови Сад.
Ова е уште едно во низата интернационални гостувања на „Профундис“ оваа сезона, по спектакуларните настапи на сцената на престижниот фестивал „Раванелиус“ во Србија и „Котор Арт“ во Црна Гора.
– Да се настапува на иста сцена со Ирина Мурезану со нашата концертна турнеја во Скопје, Белград, а сега и во Нови Сад, е вистинска чест. Нејзината виртуозност и страст кон виолината се неспоредливи, а спојувајќи ги заедно со нашиот камерен оркестар „Профундис“ создаваме музичко искуство што ќе допре до срцата на новосадската публика. Концертот е прослава на универзалниот јазик на музиката и ги повикуваме сите да ни се придружат на оваа незаборавна вечер“, изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на камерниот оркестар „Профундис“.
Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освојува срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. Бостон Глоуб ја пофали како „не само виртуоз, туку и уметник“, а Лос Анџелес Тајмс напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Мурезану особено восхитувачка“. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал Интернационал, Вашингтон Интернационал, Про Музицис Интернационал и наградата Кралица Елизабета 2.
Инаку, настанот ќе се одржи на 23 септември (сабота), со почеток во 20 часот, во новосадската синагога.