Со средби на ниво на заменици- министрите за надворешни работи, денеска во Атина започнува дијалогот меѓу Грција и Турција како во однос на соработката, така и во политичките консултации, нешто беше договорено меѓу турскиот претседател и грчкиот премиер, како и меѓу шефовите на двете дипломатии.
Грчко- турскиот дијалог започнува денеска со средба на замениците МНР Костантинос Франкојанис и Бурак Акчапар, кои според Министерството за надворешни работи на Грција, ќе разговараат за т.н. позитивна агенда за соработка со цел развој на билатералните односи во трговијата. економијата, енергетиката, транспортот, здравството и животната средина.
За утре, исто така во Атина, закажани се политички консултации кои ќе ги водат заменик- министерката за надворешни работи Александра Пападопулу и турскиот заменик шеф на дипломатијата Бурак Акчапар.
-Разговорите ќе се фокусираат на билатералните односи меѓу Грција и Турција, како и на регионални и меѓународни прашања, соопштија од грчкото МНР.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретнаа во јули на НАТО Самитот во Вилнус и минатиот месец на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк и го дефинираа нивото на контакти и средби за следниот период, додека пак шефовите на двете дипломатии на средбата на почетокот на септември во Анкара ги соопштија следните чекори во грчко- турските односи.
Освен средбите што денеска и утре ќе се одржат во Атина, на почетокот на декември во Солун ќе се одржи следниот Висок совет за соработка меѓу двете земји. (МИА)