Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како ја отстапивме сцената на обвинет за силување?: Скандалозно и бесрамно е наградувањето на Лечиќ во Скопје

Директорот на Киненова Небојша Јовановиќ и актерот Бранислав Лечиќ на церемонијата на доделување на наградата

Нам ова треба да ни го вклучи алармот дека ако сме во состојба доцна и срамежливо да осудиме вакво „дефиле на глупоста“, како би реагирале за случаите на вакви предатори кај нас?

Пишува: Ана ВАСИЛЕВСКА

„Не во наше име!“, стоеше меѓу другото во синоќешната реакција потпишана од петмина филмаџии, со која изразија револт за доделувањето на наградата за придонес во филмската уметност на српскиот актер Бранислав Лечиќ на скопскиот филмски фестивал „Киненова“. И подобро сега отколку никогаш, иако ова излегува како „по свадба тапани“, бидејќи фестивалот што се одржа од 13-22 октомври во Синеплекс, во целост ја реализираше својата програма, и секако на церемонијата на отворањето го награди Лечиќ а публиката аплаудираше.

Во оваа прилика нема да спориме дека ниту просечниот филмскиот опус на Лечиќ не е доволно фасцинантен и достоен за ваква награда, но тоа што секако е спорно за оваа одлука е дека актерот пред две години беше обвинет за сексуална злоупотреба од актерката Даниела Штајнфелд која пристигна во Белград од Њујорк за своето сведочење пред обвинителството.

Случајот со Лечиќ се надоврза на обвиненијата за силување кон сопственикот на училиштето за глума Мика Алексиќ кои ги покрена актерката Милена Радуловиќ. Овие скандалозни обвиненија предизвикаа лавина реакции во соседството а филмската фела во манирот на „Ми ту“ движењето ги охрабри жртвите и ги осуди обвинетите.

За жал и по две години и во случајот со Алексиќ и со Лечиќ нема пресуда. Ова не зачудува ако се земе во предвид „авторитетот“ што овие двајца го уживаат во општеството подложно на корупција и „пеглање“ на судските одлуки. Ако на ова се додаде и фактот дека Лечиќ освен актерската, тераше и политичка кариера и беше министер за култура во владата на Зоран Џинџиќ, лесно може да се претпостави, колку тешко доказите на Штајнфелд ќе бидат уважени.

Во светот пак,  познати се случаите за „силувачите“ како големиот режисер Роман Полански или пак холивудскиот филмски продуцент Харви Вајнштајн. Иако навистина гиганти според нивниот придонес во филмската уметност и двајцата одговараа пред законот, но уште повеќе пред моралниот суд на колегите и филмската заедница воопшто. Полански, не можеше да присуствува на церемонијата за да го подигне францускиот Оскар, наградата „Цезар“ бидејќи беше спречен од протести заради обвиненија за силување. Вајншатјн пак, иако потроши милиони во судските процеси против него, заработи нова казна од 23 години затвор за силување а Холивуд професионално го отпиша.

И додека прашината зад Лечиќ во Србија не е стивната, наместо на јавен линч, актерот во Скопје дочекан со почести на јавна сцена

На највната прес конференцијата на фестивалот „Киненова“, директорот Небојша Јовановиќ доби новинарско прашање од Соња Таневска од  редакцијата Градска.мк, зошто одлучил наградата да му ја додели на Лечиќ, а тој одговори дека тоа било договорено уште во 2018 година, и еднаш веќе било одложено. Овој одговор ни одблиску не ја аргументира одлуката на организаторите, да наградат актер со свеж скандал од ваков калибар во неговата биографија.

Режисерката Елеонора Вениниова единствена пред фестивалскиот старт на некој начин се огради од оваа фестивалска одлука, бидејќи нејзиниот филм веќе имаше закажан термин за прикажување на „Киненова“.

И на фестиваското отворање да биде уште поконтрадикторно беше прикажан филм кој токму говори за женскиот пркос кон машкиот шовинизам, а организаторите ја седнаа режисерката на истата маса со „славниот“ Лечиќ.

Синоќешната реакција на актерките Наташа Петровиќ , Тамара Ристоска, и Жаклина Стевковска, монтажерот Горјан Атанасов, кинематограферот Дејан Димески и режисерката Ана Јакимска е можеби задоцнета но за секоја пофалба

Овој млад фестивал кој бележеше осмо издание, направи бесрамна грешка, за која мора да следи извинување и да ја понесе одговорноста за оваа скандалозна и неетичка одлука. Во спротивно ќе остави доволно сомнеж дека тенденциозно го довлечка Лечиќ во Скопје за да го рехабилитира од аурата на обвиненија што ги понесе од дома.

Нам ова треба да ни го вклучи алармот дека ако сме во состојба доцна и срамежливо да осудиме вакво „дефиле на глупоста“ како би реагирале за случаите на вакви предатори кај нас?

Да се надеваме дека овие петмина храбри филмаџии ќе бидат помасовно поддржани од своите колеги а Скопје нема да се претвори во Мека и Медина за „осветлување“ на зацрнети авторитети што ќе го платиме од наш џеб како во последниот случај. (НоваТВ)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново